Во отсуство на цврст материјален доказ за поткрепа на обвинението против Игор Дурловски, обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, денеска изнесе сосема нови основи со кои бара најмалку десетгодишна казна затвор за еден од лидертите на движењето „За заедничка Македонија“.
Како што е познато, обвинителството презентираше десетици видеа со други обвинети за случајот 27 април, но Дурловски не е присутен на ниту една од инкриминирачките снимки. За да ги надомести ваквите пропусти во постапката, Рускоска се одлучи да се послужи со сомнителни изјави на двајца од сведоците кои што се појавија на судењето, со цел да бара затвор за Дурловски.
Изјавите на двајцата сведоци се во најмала рака проблематични.
Едниот сведок е Александар Василевски – Нинџа, кој долго време беше во бегство по што се предаде на властите. За време на сведочењето, се што можеше Василевски да каже за Дурловски е дека го гледал како излегува од канцеларии на ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа беше категорично негирано од одбраната. Имајќи го предвид неговото минато и проблемите со законот, неговото сведочење според ниту една правна логика не може да биде доказ за барање таква пресуда и е само блед обид на обвинителката во линчот против Дурловски.
Од друга страна, пак, за време на судењето двајца сведоци изјавија дека токму Нинџа бил организатор на упадот во Собранието на 27 април.
Вториот сведок на кој се повикува Русковска е актуелниот градоначалник на Шуто Оризари, Курто Дудуш – Куцо, кој, пак, воопшто не сведочеше ништо за Дурловски.
Единствено што Дудуш изјави за Дурловски во неговото сведочење е дека мисли дека оперскиот пејач е човекот што на двајца луѓе им рекол „овој е комуњар одете по него“, но не е сигурен, по што Дудуш потврди и дека никој не тргнал по него.
Дудуш, пак, деновиве е актуелен по нападот на социјалните мрежи на невладините активисти во Шуто Орузари во кои индиректно ги нападна и ЛГБТ заедницата и жените.
Пред извесно време Рускоска призна дека била дел од Шарената револуција, што согласно познавачите на нејзината пракса е некакво, но не и логично објаснување зошто водачите на „За заедничка Македонија“, Рускоска ги третира како смртни непријатели покажувајќи видлив анимозитет и желба без докази да ги смести во затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.