Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, денеска рече дека шест платформи на плажите на Охридското крајбрежје ќе се отстранат, додека останатите објекти имале одобрение. Ова струшкиот градоначалник го кажа пред првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Им благодарам на сите иматели на платформи на крајбрежјето, во разговори со сите чинители се договоривме ние да не бидеме „црна овца“, туку да се солидаризираат со колегите од Охрид, за Струга, Република Македонија да не го загуби статусот на УНЕСКО, туку да се доближиме до УНЕСКО, да се инвестира уште повеќе во ова крајбрежје.

Чекаме фидбек од државата и Комисијата на УНЕСКО да ни даде план за подобар развој, да имаме план за одржување на трската, која од 50 хектари сега има 300 хектари трска, за уште повеќе да го развиеме градот. Сите шест платформи за кратко време ќе се тргнат, вклучувајќи ја и онаа на Женска плажа. Самите газди ќе ги отстранат, а ако им треба помош, општината е тука, изјави Мерко, кој за останатите објекти рече дека се направени со одобрение.

Инаку над 4 илјади барања за легализација на дивоградби се одбиени од струшката општинска власт во изминатава деценија, но ниту една од нив не е урната, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Во оваа бројка не влегуваат дивоградбите за кои воопшто не е поднесено барање за легализација.

Мерко во изминативе неколку години во медумите тврди дека во Струга нема дивоградби, спротивставувајќи се на извештајот на УНЕСКО, на централната власт и на новинарските истражувања кои го покажуваат спротивното.

Мерко денеска правеше споредба со Охрид, каде што рече дека на самите Билјанини извори имало 12 дивоградби.

Луѓето сакаат излез, не е грешката кај населението, не е ниту кај локалната самоуправа. Сите тие диви градби се пред 2011, сите имаат предмети за легализација, се чека за легализација и не се во заштитниот појас, туку се во Лабуништа, во Моровишта, наведе Мерко како коментар за извештајот на државниот ревизор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.