Македонија со 646 починати лица од КОВИД-19 на милион жители е стотици места над Германија која има само 154 починати на милион жители. За едно деноноќие починаа 40 граѓани во Македонија, бројка алармира дека нешто не е во ред со мерките кои ги спроведува актуелната Влада и министерот за здравство Венко Филипче. Бројката на новозаболени и починати од КОВИД-19 рапидно од ден за ден расте во земјава. Министерот за здравство, Венко Филипче уверува дека бројката ќе се намали бидејќи применува мерки од западните земји. Граѓаните и опозицијата предупредуваат дека мерките кои што ги најавува министерот воопшто не наликуваат на оние од европските земји.
Мaкедонија води
Македонија за жал е рекордер во Европа по починати лица од КОВИД-19. Ако се спореди државата со Германија ќе се согледа дека бројката кај нас на починати лица на милион жители за 3-4 пати поголема. Македонија на милион жители има починато 646 лица според податоците на „worldometers“, додека во Германија на милион жители има само 154 починати лица.
Бројката во Македонија загрижува, а секој ден не запира и продолжува да урива рекорди.
Германија воведува рестрикции, Македонија препорачува и се потпира на совеста на граѓаните
Германија размислува да воведе нови рестрикции за јавни и приватни собири. Во план е заострување на правилата за носење маска. Според нацрт-предлогот, децата и младите ќе се советуваат да се гледаат само со еден пријател, а приватните собири и дружби ќе се ограничат на луѓе од едно домаќинство и најмногу две лица од друго домаќинство.
Германија ја разгледува и опцијата за затворање на училиштата, при што наставниците и децата од сите возрасти ќе мора да носат маска дури и на час. Германија од 2 ноември се наоѓа во лесен едномесечен карантин, но бидејќи бројот на заразени со корона вирус продолжи да расте, за очекување е владата да предложи заострување на мерките.
„Вирусот ќе продолжи да доминира во животите на луѓето уште долго време. Претстојната зима ќе се бара многу од сите нас“, кажа Меркел во саботата.
Баварскиот премиер Маркус Зедер не ја исклучи можноста сегашните рестрикции да останат на сила и во декември.
Додека мерките се заоструваат во оваа земја, во Македонија иако бројката е енормна и застрашувачка министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести велат дека нема потреба од нови построги мерки. Иако дел од граѓаните сметаат дека треба да се воведат поригорозни анти КОВИД мерки.
Министерот Филипче вчера побарал и од директорите на хируршките клиники и кардиологија тие да достават план за ослободување на дел од капацитетите за КОВИД пациенти доколку има потреба за тоа во периодот што следи.
„Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекуваме во периодот кој следи да има се повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио“, изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче во една од своите изјави за медиуми.
Според последните податоци од министерството за здравство во болниците во внатрешноста има само 130 слободни болнички кревети, но велат дека сепак бројките се менуваат од час во час според направените приеми и исписи на пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.