Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Шабан Мемети, смета дека се уште има време до укинување на вонредната состојба, бидејќи според него може да бидеме порелаксирани само кога бројката на позитивни случаи на ковид-19 ќе падне под 10 дневно. Сепак, тој вели дека олабавувањето на мерки ќе продолжи, но главните препораки за носење маски и дистанцирање ќе останат.

Тој, во интервју за ТВ 24, оцени дека земјата „оди во насока на победа“ над коронавирусот, констатирајќи дека државата од почетокот на состојбата досега добро се справува.

Смета дека состојбата е охрабрувачка, ако се споредуваат бројките на заразени во последните пет дена кои се намалуваат.

На прашањето зошто деновиве е намален бројот на тестирања, тој одговори дека тие соодветствуваат со бројот на земени брисеви и рече: „Ако нема симптоми, нема епидемиолошки анкети, нема брисеви“.

За тоа, дали е можно наскоро и одржување на избори, Мемети рече дека се уште нема услови за тоа.

„Ќе ги видиме резултатите и врз основа на тоа ќе дадеме препораки на Министерството за здравство, Владата и другите институции. Иако се споменува одење на избори со маски, не ни значи ништо месец или два да чекаме, кога сега на сите политички партии ни е приоритет здравствената состојба на граѓаните“,рече директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети, за ТВ 24



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.