По повод загрижувачки дојави на СОС линијата за деца и млади 070 390 632 и 02 2465 316 – при Детската амбасада МЕЃАШИ, поврзани со закани и опструкции врз ученици кои сакаат да го искажат своето незадоволство од образовните реформи од Детската амбасада  предупредуваат дека добиваат дојави за прекршување на правата на средношколците, по повод најавата за донесување нов Закон за дигитализација на учебниците.

Дојавите пристигаат на СОС линијата за деца и млади, на електронската пошта, на социјалните мрежи на Меѓаши, во (ин)директни разговори со засегнатите страни (ученици, наставен кадар, родители). Учениците се загрижени дека „им е загрозено психо-физичкото здравје и дека им се занемарува здравствената состојба и заштита, според член 39 од Уставот на РСМ правото на здравствена заштита”. Самите средношколци укажуваат на социо-економската раслоеност, односно на кој начин сите ученици ќе бидат обезбедени со соодветни уреди, дали тие со подобар животен стандард ќе имаат подобри уреди и можности за следење на наставата? Тие се прашувааат што ќе биде со останатите ученици кои се со низок социо економски статус, колку ќе се исполни правото на еднаквост во делот на следење на наставата?

Покрај дојавите од средношколци, добиваме повици и барања од загрижени и вознемирени родители, старатели во врска со бојкотот на онлајн наставата од страна на учениците. Во една од тие дојави се вели дека на учениците им се упатуваат предупредувања од класни раководители дека со три неоправдани изостаноци следува укор и намалено поведение кои ќе произлезат од бојкотот, што претставува закана по правото на изразување на незадоволството од предвидените реформите и начинот на нивно имплементирање. Исто така и на фејсбук страните на Детската амбасада Меѓаши последниве денови стигнуваат пораки од загрижени родители кои тврдат дека децата им се уценувани со неоправдани доколку ја бојкотираат наставата.

Детската амбасада МЕЃАШИ го поддржува ученичкото организирање и остварувањето на нивните уставно загарантирани права, правата гарантирани со Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи. Учениците имаат право да се самоорганизираат, здружуваат, да се залагаат за своите интереси пред институциите, да бидат слушнати и нивното мислење да биде земено предвид при донесувањето одлуки од страна на надлежните институции. Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето (не)задоволство од решенијата на Министерството за образование и наука, простор во кој ќе бидат слушнати.

Ги повикуваме Министерството за образование и наука и наставниот кадар да им овозможат на учениците да бидат дел од промените од кои се директно засегнати (Детско учество), да ги поттикнат учениците да се вклучат и да ги креираат промените заедно со носителите на одлуки, експертите, граѓанските организации, престставниците на институции и организации кои работат на полето на образование и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања.

Во градењето култура на детско младинско учество, особено градењето свесни млади личности кои треба понатаму да ја развиваат таа култура, овозможувањето да ја практикуваат истата е најефективниот метод. Културата на детско младинско учество подразбира овозможување простор за слободно изразување на своето мислење од страна на децата, учениците) и земање предвид на истото при носење одлуки важни за сите што се засегнати. Тоа вклучување во процесот на донесување одлуки не смее да биде само за да се задоволи форма, туку пред се заради доследно почитување на детската личност и нејзиното/нивното мислење, добивање легитимитет на одлуката и олеснување на спроведувањето на истата во пракса од страна на сите засегнати страни затоа што ќе знаат дека во нејзиното донесување сите учествувале. Притисоците, заканите и опструкциите врз учениците, родителите и наставниот кадар кои не се согласуваат со одлуките на МОН, не само што се спротивни и контрапродуктивни туку и никако не придонесуваат кон погоре кажаното.

Првата детска амбасада Меѓаши како организација која ги штити правата на децата бара да се почитува Конвенцијата за правата на детето, потсетува дека Македонија ја ратификува истата уште во 1993 година и со тоа е должна да обезбеди колку е можно поцелосно почитување и остварување на правата на децата. Сите деца и млади ги имаат истите права, имаат право на најголем можен степен на здравје, право на бесплатно основно образование, право слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Членот 12 од Конвенцијата експлицитно укажува на должноста на државата да обезбеди услови на „детето кое е способно да формира свое сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања што се однесуваат на детето, со тоа што на неговото мислење се посветува должно внимание во согласност со годините на животот и зрелоста на детето.”

Правото на бојкот е еден од начините на кој децата можат да го изразат своето незадоволство и да бидат слушнати, тогаш кога не им се дава соодветен простор да бидат слушнати. Детските права не смее да бидат скратени и носителите на одлуки во секоја своја постапка што ги опфаќа децата треба да го имаат предвид принципот на најдобар интерес на детето.

Дополнително би сакале да укажеме на уште еден непобитен факт. Повеќе од една година живееме во вонредна состојба што директно влијае врз правото на живот, во поинакви животни услови што бараа од нас да ги измениме навиките и изнајдеме алтернативни начини за задоволување на многу потреби, за што е потребно голема енергија и поттик. Секоја дополнителна промена во овие услови, ако засега значаен дел од животите на луѓето – особено децата, треба да се прави многу внимателно, со обезбедување сеопфатни информации и доволно време и простор за дискусија што ќе значи таа промена за секој, особено за оние што се најзасегнати, а тоа се учениците и наставниот кадар. Сметаме дека нивното вклучување во дебатите е најдоброто решение, со цел на учениците да не им биде загрозено правото на образование, а воедно да бидат слушнати и нивните гледишта.

Оттаму сметаме дека од клучна важност е да се овозможи или создаде средина којашто ќе поттикнува практикување на принципите на учество, најдобар интерес и недискриминација, преку организирање јавни расправи и дебати за предлог законот во кој ќе земат учество ученици, родители и претставници од граѓански здруженија, неформални групи граѓани/ки, како и сите засегнати страни со овој закон.

Воедно, стоиме на располагање доколку правата на учениците се прекршени и ги повикуваме да ги пријавуваат сите форми на закани или загрозувања на нивниот интегритет, на СОС телефонот за деца и млади 070 390 632 или 02 2465 316, се вели во соопштението на Меѓаши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.