Иако терминот „специјално“ од колоквијалниот назив СЈО се однесува на единствената задача на ова обвинителство, да ги истражува нелегално прислушуваните разговори, со што се направи преседан во дотогашната судска практика, три години од основањето, СЈО сè почесто реагира на политички импулси.

Сме заборавиле кога последен пат одржало прес-конференција, видовме непотизам и непристојно однесување во судница, а сè погласни се најавите дека Обвинителството може да остане без „бомбите“ и без дел од актуелните истраги, анализира медиумот.

СЈО и претходно било обвинувано дека е политичка маша, но коинциденциите особено бодеа очи кога се вршеше силен дипломатски притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати уставните измени предвидени со Преспанскиот договор. Тогаш СЈО излезе со нови истраги за поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и за еден член на актуелното партиско раководство.

Но, покрај тајмингот, спорно е и тоа што Специјалното јавно обвинителство ги напушти своите вообичаени практики да ги најавува истрагите на прес-конференција и да ги открива само иницијалите на осомничените. Овојпат ги објави целите имиња и прати само соопштение.

„Империја“ се појави доцна попладнето на 9 ноември минатата година, истиот ден кога судскиот курир не го најде Груевски дома и кога почнаа да се будат сомнежите дека избегал.

Изгледа дека СЈО беше искористено да ги неутрализира негативните реакции што следеа по бегството на експремиерот.

Затоа не е изненадување што на последната анкета на МЦМС и Телма повеќе од половината испитаници се изјасниле дека немаат доверба во Специјалното јавно обвинителство, односно дека само 41 процент му веруваат.

Во врска со падот на рејтингот на СЈО свој став во интервју за „Дојче Веле“ изнесе и специјалната обвинителка Ленче Ристовска. Таа признава дека политиката е причина за рушењето на угледот на оваа институција во очите на граѓаните.

Лично сметам дека падот на довербата во СЈО е последица на повеќе околности од кои дел се поврзани со општествено политичките случувања во земјата, а се доведуваат во корелација со работењето на институциите на системот. Се надевам дека во периодот што следи СЈО ќе успее да ја врати довербата на граѓаните, бидејќи довербата на граѓаните во институциите е од суштинско значење за унапредување на состојбите во нашето општество, изјави Ристовска за „Дојче Веле“.

Дека политиката длабоко навлезе во судството, посебно во последните две години, неодамна предупреди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Коментирајќи ги токму овие последни анкети и јавното мислење во земјата, тој посочи дека јасно се гледа апсолутната несиугурност која граѓаните ја чувствуваат и партизацијата во судството и обвинителството како што досега не била запаматена во Република Македонија. Како главни виновници за оваа состојба Мицкоски ги гледа Зоран Заев и оваа влада.

Со ова не сакам да ги амнестирам сите претходни влади, но тоа што на отворена сцена оваа влада и Зоран Заев го правеа изминатите нецели две години со сето она влијание, претскажување на предмети, на обвиненија, на судски пресуди, со сите оние прислушкувани материјали јавниот обвинител откри скандал каде што речиси две години биле прислушувани судиите и обвинителите и никому ништо. Поминаа неколку месеци од тоа и никому ништо и не знаеде дали има елементарна истрага кој ја инсталирал таа апаратура. Кој дал налог да се вклучи таа апаратура и каде завршиле сниманите материјали?, запраша Мицкоски.

Мицкоски образложи дека на најбезобразен начин, на најбезкропулозен начин се менуваа закони, за да можат да се обезбедат доволен број на пратеници кои што понатаму би му дале поддршка на Зоран Заев во оној процес на уставните измени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.