На овој наш работнички празник, во најтешката година во историјата на македонската дипломатија, ние вработените во МНР стоиме гордо, со исправена глава и чиста совест. Обесправени, омаловажувани и шиканирани, деградирани и маргинализирани, повеќе од кога и да е, цврсто сме решени да се избориме за сите наши права, наспроти несфатливото авторитарно, неколегијално и непрофесионално однесување на малата група луѓе во улога на раководство на Министерството, велат од Синдикатот на МДС.

На овој Први мај го креваме нашиот глас против катастрофалната систематизација што омаловажи и оштети голем број првокласни дипломати, волунтаристичкото покренување дисциплински постапки против сите оние што не му се допаѓаат на шефот, цементирање на кариерите на младите дипломати за сметка на помал број неискажани и исфрустрирани, целосно игнорирање на економските и социјални потреби на вработените и поделбите на “наши” и „ваши” од страна на самиот врв, се вели во соопштението на МДС.

Како што соопштуваат од МДС, деновиве раководството на МНР покренало уште три дисциплински постапки против нивни колеги, членови на раководството на МДС.

И покрај тоа што укажавме на неисполнување на основните законски и уставни предуслови за такво нешто, отворената хајка против дипломати од кариера не застанува. Од тие причини, информираме дека МДС поднесе барање до Уставниот суд за оспорување на одредба од Етичкиот кодекс на МНР, преку која на мала врата се врши притисок и малтретирање на наши колеги. Оваа година ќе ја запаметиме како најцрн период во нашата дипломатија, кој ќе нанесе долготрајни штети и непоправливи негативни последици на професионален план и на ниво на меѓучовечки односи во МНР, велат од МДС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.