Во Маврово и околните населби овој викенд има над две илјади гости. Некои се дојдени ден порано, но најголемиот број од нив дојде во петокот и саботата. Хотелите и помалите сместувачки капацитети се исполнети речиси до последното место. Така се очекува да биде и биде за наредниот викенд.

Продавниците и неколку угостителски објекти се отворени и работат според протоколите за заштита. Раздвиженост и посетеност има, но како што рекоа повеќемина мавровци, приходите не ветуваат голема заработувачка.

Раздвиженоста од луѓе и автомобили беше воочлива особено во Маврови Анови. Во оваа населба на брегот на Мавровското Езеро, вообичаено посетителите застануваат да испијат кафе и да се снабдат со потребните продукти. Забележавме и луѓе кои рекреираа со прошетки и возење велосипеди околу езерото.

Пред неколкуте продавници имаше помали групи кои пазареа. Според регистарските ознаки на автомобилите, најмногу беа скопски и гостиварски. Во разговорите со некои од нив ни кажаа дека заради корона-кризата и топлото време решиле викендот да го поминат во викендичките кои се нивна сопственост или кај нивни пријатели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.