Сè уште не се знае како или кога ќе се полага овогодинешната државна матура и испитите за матурантите. По прекинот на наставата во училиштата како мерка во борбата за спречување на ширењето на коронавирусот, засега нема конкретен одговор како ќе се надокнадат овие две изгубени недели, а сè поизвесно е дека овој период ќе биде продолжен. Во неизвесност покрај матурантите се и деветодделенците, кои треба да се запишуваат во средно образование, а не се знае како ќе ги подигнат своите оцени.

Одговарајќи на прашање за матурантите, министерот за здравство Венко Филипче пред повеќе од една недела рече дека министерот за образование и одговорните разговараат во ракмките на нивните недлежности за некаква форма за скратување на програмата или нешто што може да се работи онлајн.

Меѓутоа со таа мерка ќе излеземе кога ќе биде подготвена, рече Филипче на 10 март.

На прашањата на „Република“ за тоа дали Бирото за развој на образованието и Министерството за образование разгледуваат можности како да се реализира матурската, дали ќе има измени или можеби одложување на датумите за полагање за подоцна, од Министерството одговараат:

Министерството за образование и наука во континуитет и навремено ќе ги известува училиштата, наставниците, родителите и учениците за сите промени кои би настанале во врска со воспитно – образовниот процес, а секако и за реализацијата на државната матура.

Министерството немаше конкретен одговор ни за тоа како ќе се одвива оценувањето на другите ученици додека трае онлајн-предвањето.

На денешната прес-конференција министерот за образование Арбер Адеми рече дека имаат две опции, но се уште не се определени за ниедна.

Во основното образование имаме нов Закон за основно образование каде што е предвидено колку наставни денови треба да има училишната година. Исто така е предвидено јасно, кристално, чисто и концизно што треба да направат надлежните институции кога имаме прекин на наставата поради епидемија и вонредни состојби. Имаме две опции. Училишната година не мора да заврши на 10 јуни. Втората опција е подготвување на скратени наставни програми. Пред да се определиме за која било опција треба да се измени и дополни годишниот календар за организирање на настава. Така што образовните институции ќе бидат благовремени известени од нашата страна. Ова изменување и дополнување на календарот може да се направи и сега и по 14 дена, зависно со какви ситуации и состојби ќе се соочиме, рече Адеми.

Адеми посочи дека за средните училишта наставата може да се организира за време на викенди или со скратени програми.

Во меѓувреме дел од приватните училишта се организираа и наставата ја продолжија онлајн, но засега тоа не е опција и за државните школи, затоа што според министерот дел од наставниците не можеле да се прилагодат на дигиталното учење, а некои ученици немаат компјутери дома за тоа да го следат во живо.

Како алтернативни начини на учење ги посочи бесплатните апликации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.