Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија, напиша министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук, откако дел од медиумите го пренесоа твитот на австралискиот новинар Саша Узунов дека таткото на Бојан Маричиќ, поранешен јавен обвинител, е сликан со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба, во контекст дека и двајцата одбија да ги осудат албанските нацистички статуи во Македонија од Првата светска војна.
Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија. Несфатливо е како во 2021 година сè уште во јавноста, без трошка совест и одговорност се објавуваат вакви наслови.
„Таткото на Бојан Маричиќ сликан гордо со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба“ е еден од тие.
Јас и целата моја фамилија, единствено сме горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор.
Во објавата на порталот „Република“ се пренесува пост од социјалните мрежи, а во содржината тенденциозно е изоставен делот во кој татко ми под неговата фотографија направена во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг пишува „Култот уште живее ама само во вакви музеи кои служат за опомена“.
Повеќе од јасно дека станува збор за предупредување дека со градењето на култови кон личности светот и државите можат повторно да се соочат со зло какво што беше фашизмот.
За жал, токму фашистите за своите пропагандни цели се служеа со тенденциозни лаги и невистини.
Свесен сум дека едноставно се работи за обид за моја дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата и уште повеќе поради почетокот на длабинските реформи во правосудството.
Ваквите ниски напади само дополнително ме мотивираат да продолжам уште понапорно да работам за доброто на државата и граѓаните, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.