Уставот е темелот на владеењето на правото, кое е најзначајниот елемент на секое општество, а токму Уставниот суд преку заштита на уставноста и законитоста е чуварот на овие вредности, па затоа секогаш мора со особено внимание, претпазливост и стручност да се разгледуваат прашањата кои се однесуваат на оваа проблематика, бидејќи тие прашања секогаш директно ќе го засегаат и владеењето на правото, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на денешната тркалезна маса насловена „Уставното судство во Република Македонија“.

Тој нагласи дека владеењето на правото и зајакнувањето на правната држава е врвен приоритет на Владата и Министерството за правда, а токму Уставниот суд е местото каде што се носеле многу важни одлуки за иднината на земјата и се одлучувало за уставноста на многу важни закони.

– Токму затоа сметам дека уставните судии и Уставниот суд, треба да ги имаат сите услови за непречена и пред се квалитетна работа, истакна Маричиќ.

Тој нагласи дека веќе неколку години наназад се провлекува дискусијата околу материјалниот статус на судиите на Уставниот суд, кој е уреден со Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Парламентот и другите избрани и именувани лица во државата и доколку се земат предвид обемот и сложеноста на работите и задачите кои ги извршуваат уставните судии, може да заклучиме дека тоа ги става на повисока позиција од онаа на која што се наоѓаат судиите на редовните судови.

– Поаѓајќи од ова, а со оглед на високиот степен на одговорност, неспорно е да се каже дека материјалните права на Уставните судии треба да се доуредат со законски норми. За да може да се постигне повисок степен на ефикасност при работењето, потребно е да се овозможи потребната финансиска и административна независност за непречено функционирање на Уставниот суд, рече Маричиќ.

Според него, во таа насока е и мислењето на Венецијанска комисија која е на став дека би било корисно да се донесе посебен закон за Уставниот суд, со кој би се уредиле прашањата што се однесуваат на статусот на уставните судии, основните услови за поведување на постапка пред Уставен суд и правно дејство од пресудите на Уставниот суд.

– Околу потребата од донесување на посебен закон, укажува и Конечниот извештај на експертската мисија на ТАИЕХ од 2018 година, за заштита на човековите права од страна на Уставниот суд, во кој е наведено дека постојат целосно оправдани причини да се донесе посебен закон за Уставен суд во кој, меѓу другото, ќе бидат опфатени и надоместоците и другите лични примања, додаде Маричиќ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.