За нас како Влада е многу важно да нема политичко мешање во постапката или исходот на предметите. Нема ништо да биде направено што ќе го загрози нашиот правен систем. За оние предмети што се завршени можеме да побараме од ЕУ да изврши некаков мониторинг, но механизмите за тие случаи повторно да се отворат лежат во домашното право. Доколку тука се исцрпени сите можности, останува странките да се обратат до Судот во Стразбур – вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој гостуваше на Телевизија 24, каде говореше за судските случаи и меѓународниот мониторинг, нагласувајќи дека партиите не можe да договорат ревизија на судски случаи и појаснувајќи дека Зоран Заев и Африм Гаши договориле само мониторинг.

Секогаш кога политички партии коментираат судски случаи се крева прашина. Она што е договорено со Алтернатива е да се побара мониторинг од ЕУ за овие случаи, во моментов има мониторинг на 20 случаи, на барање на опозицијата – вели министерот за правда.

Тој нагласи дека однапред не може ништо да се каже.

Може да се утврди дали текот на постапката бил како што треба. Треба да се разгледа секаде каде што има сомнеж. Она што јас го знам од средбата Заев и Гаши не можат да договорат ревизија на случаите, судбината на тие случаи, дел од нив се преотворени, затворени. Повторување на судски случај може да дозволи само судот. Секаде каде што имало нови околности сме ги упатиле – изјави Маричиќ во гостувањето во Студио 10 на ТВ24.

Маричиќ говореше и за престојните внатрепартиски избори во СДСМ, јасно изразувајќи му поддршка на еден од кандидатите за нов лидер на партијата, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

В недела ќе имаме избори во СДСМ, а јас јавно давам поддршка на Димитар Ковачевски, бидејќи потребно ни е единство и одговорност. Ако се обединиме за заедничка цел да победиме на наредните избори имаме шанса за тоа. Ни треба стабилен период во СДСМ, бидејќи имаме доволно време до парламентарните избори да испорачаме видливи резултати за граѓаните. Ни треба најважниот избор за консолидирање. Јас сум на располагање на новиот лидер и во партијата и во Владата, но тоа е прашање до новиот лидер – изјави Маричиќ.

Тој вели дека Ковачевски треба да добие шанса, бидејќи има план, програма и автентична агенда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.