Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција објави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик, со кои заштитата на медиумските работници и жените се издигнува на многу повисоко ниво. Според министерот, овие измени ќе придонесат за намалување на случаите за напади и закани кон новинари.

Во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здруженијата на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик, кажа Маричиќ.

Дополнително, преку имплементација на Истанбулската конвенција, законски се допрецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела кои досега кај нас не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади.

Со новото дело „Демнење“ предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто. Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години, потенцираше Маричиќ.

Министерот на прес-конференцијата објави и измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за граѓанска одговорност, со кој значително се намалува висината на казните кои медиумите и новинарите би ја платиле како оштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.