Од денеска стапува во сила значително намалување на судските такси, соопшти министерот за правда Бојан Маричиќ.
Ако во минатото изнесуваа и до 48.000 денари, сега, како што појасни Маричиќ, граѓаните нема да плаќаат повеќе од 6000 денари. Трошоците по оваа основа ќе се движат од 480 до најмногу 6000 денари, во зависност од вредноста на спорот.
На овој начин власта очекува правдата да стане подостапна за граѓаните и намалувањето да го зголеми интересот граѓаните да ја истераат правдата до крај.
Во програмата на Владата стои како ветување дека ќе ги намалиме судските такси, бидејќи високи ја прават правдата понедостапна, рече Маричиќ.
Министерот наведе и пример за тоа како би се намалиле судските такси, но и колку тие ќе изнесуваат во случај да се поднесуваат жалби на судските одлуки, односно да се користат редовните и вонредните правни лекови.
На пример, тужите осигурителна компанија за надомест на штета во вредност 3 милиони денари. Судската такса која треба да ја платите е 2 отсто од вредноста на спорот. Во овој случај граѓанинот ќе требаше да го даде максималниот износ од 48 000 денари. Сега, според донесениот измени, давачката ќе биде 6 000 денари. Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа ќе платевте вкупно 288 000 денари судски такси, односно 2% за тужба, 2% за одлука, за жалба 4% и за ревизија 4%. По новата судска такса, за ова најмногу може да потрошите вкупно 36.000 денари или 252.000 помалку ако се жалите, рече Маричиќ.
Тој вели дека очекуваат ваквите промени да бидат во интерес на адвокатите и вештаците бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени да стигаат до правдата по судски пат.
Овие промени, според Маричиќ, во поширока смисла се и во духот на националната стратегија за намалување на сиромаштијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.