Треба да сме претпазливи и внимателни и не треба да даваме никакви конкретни прогнозирања поврзани со датуми, бидејќи во минатото тоа не функционираше, вели во неделното интервју за РСЕ, Бојан Маричиќ, националниот координатор за европски прашања во Владата. Тој вели дека условите за преговори се исполнети, а сега останува на одговорноста на ЕУ да донесе одлука. Маричиќ зборува и за новата методологија на ЕУ и за очекувањата на граѓаните во борбата против криминалот и корупцијата.
Што се однесува до прашањето дали со новата методологија на пример се дава сигурност дека Бугарија нема да ја блокира Македонија ако не прифати дека Гоце Делчев е Бугарин, Маричиќ вели:
Мислам дека на таков начин резолутно не можеме да ги поставиме работите. Она што е важно со Бугарија е да го имплементираме договорот за добрососедство и пријателство. Во духот на тој договор е заедно да прославуваме некои личности и постојат и комисии кои работат на тоа, политичките водства работат на тоа и не верувам дека се работи за тоа да се утврди или признае дали Гоце Делчев е Бугарин, туку многу повеќе од тоа како може да го направиме уште повеќе Гоце Делчев да биде симбол на спојување, бидејќи за нас е секако многу важен македонски јунак, за Бугарија е исто така важен бугарски јунак. Мислам дека тоа е личност која може да нè спојува, би било навистина гревота да не раздвојува. Целта на Договорот за пријателство и добрососедство е да изгради доверба, пријателство и од една страна да се признае заедничкиот дел од историјата, од друга страна да се препознае можноста за заедничка иднина, секако ние не можеме да имаме дилеми меѓу нас на кој јазик зборуваме, како се чувствуваме итн. Во 21 век тие прашања се навистина надвор од дискусија.
Земјава ги исполнила условите за преговори со ЕУ, смета тој.
Сега останува на одговорноста на ЕУ да донесе одлука. Треба да сме претпазливи и внимателни и не треба да даваме никакви конкретни прогнозирања поврзани со датуми – оценува Маричиќ, бидејќи, како што вели, во минатото тоа не функционираше.
Ние сме подготвени за преговори, ги исполнивме сите услови и сметаме дека сме заслужиле уште во октомври да добиеме одлука за почеток на преговори. Затоа ни е важно таа одлука за почеток на преговори граѓаните да ја добијат што поскоро, за тие да добијат вистински сигнал од ЕУ дека сите тешки одлуки во изминатиот период и дека сите тешки реформи навистина вредеа. Тоа би била вистинска порака кон граѓаните, не кон која било политичка опција, затоа сметаме дека за граѓаните е важно час поскоро тоа да се донесе, а дали ќе биде во март тоа во ниту еден случај, за жал, не зависи од нас како држава. Инаку што се однесува до нас, реков веќе, дека уште во октомври ќе го добиевме тоа. Секој ден што порано ќе добиеме, тоа ќе биде позитивно за нас. Она што, ако ја држиме Европската унија за збор, во заклучоците од октомврискиот совет пишува дека до Самиот во мај ќе се навратат на ова прашање. Единствена шанса од Самитот во мај е Советот во март, така што останува на нив и на нивната одговорност да донесат одлука – вели Маричиќ.
На прашањето дали новата методологија ќе го отежни или олесни процесот на преговори со ЕУ, Маричиќ одговара дека е тешко однапред да се каже каква ќе биде нејзината крајна улога или крајна цел.
Иницијалната цел на оваа методологија е таа да го олесни, забрза процесот на проширување и да го направи посуштински и пополитички. Тоа значи дека бирократијата ќе има улога, меѓутоа политичките фактори во европските институции, особено државите членки би требало да имаат поголема улога од онаа што ја имаа до сега. Исто така групирањето на политиките, односно на поглавјата во неколку кластери, значи групирање на темите по коишто ќе се разговара, но и нивно меѓусебно поврзување. Очекувам овој процес да ја одблокира сегашната ситуација, којашто е неиздржлива за сите и за државите кандидатки и за државите членки и за европските институции, а како ќе тече во пракса и каков живот ќе и се даде на оваа методологија зависи од актерите, како и за сите досегашни циклуси на преговори за членство – истакнува владиниот национален координатор за европски прашања.
Според него, законот за јавно обвинителство никогаш не бил поставен како услов за почеток на преговорите со ЕУ, во ниту еден реформи план, но секој чекор што го прави земјава во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото и помага.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.