Бојан Маричиќ повика на одговорност или, практично, повика на линч – тоа е недозволиво.

Ова е ставот на професорот Гордан Калајџиев, кој за притисок врз судиите ја смета реакцијата на министерот за правда; Бојан маричиќ, во која ја коментира одлуката за Сашо Мијалков да биде пуштен од притвор.

Ваквиот чекор на Маричиќ наиде на низа критики, особено што од тројца судии што ја донеле одлуката, тој посочува само двајца, што би значело дека знаел како се изјасниле иако гласањето е тајно.

Професорот Калајџиев смета дека на овој начин министерот ги тера судиите да го кршат законот.

Практично, повикува на нивна одговорност или линч. Тоа не е дозволиво, тоа е притисок врз судиите да постапуваат спротивно на законот. Законот од нив бара и притиска кон тоа луѓето да се бранат од слобода. Законот бара притворот да е крајна мерка. Ако има мала опасност да бега, нема притвор, освен ако не е јасна опасност. Ако е само теоретска, треба да го пуштат да се брани од слобода.

 

Со вакво притискање, дека тие ќе одговараат ако некој избега, судиите ги ставаат во ситуација да се плашат да одлучат слободно, а да одредуваат често притвори, што е спротивно на идејата на законот и на меѓународните конвенции. Божем ризикот да падне врз нив. Зошто да падне врз нив? Судот треба да го стави во притвор ако има докази, некакви индиции дека се подготвува за бегство. Тоа го цени само судот во согласност со податоците што ги има. 

 

Прозивањето дека одговорноста ќе биде врз нив ги води кон тоа, божем дека се на посигурно ако има притвор. Како, „што ќе му се мислам јас, нека седи он во притвор“, а тоа е спротивно на правото. Министерот ги тера судиите да го кршат законот – вели Калајџиев за „А1он“.

По првата објава на статусот, Маричиќ за десетина минути го измени и во него додаде барање до Судскиот совет да испита по кој основ судиите донеле одлука за ослободување на Мијалков. За Калајџиев, Судскиот совет е прв што треба да каже министерот да не се меша во работата на судот и на судиите.

Од каде тој знае кој како ќе одлучува, се повикува на Судскиот совет како алатка на политичарите и се отвораат нови прашања. Судскиот совет прв треба да каже: „министерот да не се меша“. Исто така, не може ни понизок суд да одлучува поинаку од повисокиот, па нека се и различни постапки – опасноста за бегство е една. Зошто имаме тогаш повисоки судови? Нека нема повисоки судови, министер нека има – вели Калајџиев.

Извор: „А1он“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.