До овој момент 61 пратеник нема ниту една политичка страна, ниту еден политички субјект од оние кои влегоа во новиот парламент, изјави претседателот Стево Пендаровски по денешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој во Вила Водно бараше докази зошто Пендаровски му го доделил мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев без обезбедено парламентарно мнозинство.
Пендаровски рече дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се јавил во текот на вчерашниот ден и му пренел дека во преговорите со повеќе политички партии кои се со свои пратеници во Собранието е на добар пат да обезбеди мнозинство.
Во делот на тоа дали барал гаранции за претпоставеното мнозинство на Заев, Пендаровски истакна дека тоа не го барал ниту еден претседател од Глигоров до денес, освен Ѓорге Иванов и тоа, подвлече, вториот пат кога Заев дојде да го бара мандатот откако Груевски, кој имаше само 51 пратеник и немаше очигледно мнозинство не му бараше потписи.
Моето убедување и како претседател и како човек е дека на луѓето особено оние кои претендираат да бидат премиер утре на оваа земја мора да им се верува на зборот затоа што и тие имаат одговорност не кон својата партија и кон своите гласачи, конечно ако за 20 дена господинот Заев не направи влада значи ќе се увери дека нема 61 човек и ќе си го врати мандатот назад. Значи вие не можете со трикови да добиете мандат велејќи дека јас имам мнозинство имам шанса да направам мнозинство и за 20 дена целата јавност ќе види дека вие немате мнозинство. Мнозинството од 61 не се утврдува кај претседателот кога го дава мандатот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласање во Собранието за новата влада, рече Пендаровски.
Моето, рече тој, е да го дадам мандатот од 20 дена. Тој што тврди дека има мнозинство или дека ќе направи мнозинство, да покаже дека има мнозинство во Собрание, ако не, го враќа назад мандатот и одиме со втората партија која има најмногу мандати-а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.