Преживеавме вонредна состојба во две продолженија, денови под полициски час, неизвесност поради вирусот и уште поголема поради безидејноста на властите кои не водат низ кризата, се давевме во неспособноста на надлежните за управување со кризата, и во сета оваа мешаница низ која поминуваме успеавме да го навредиме министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.
Попрецизно, не ние, Република, туку граѓаните кои тој како функционер би требало да ги заштити, да ги успокои и да им помогне да ги надминат последиците од пандемијата.
До нашата редакција пристигна барање за јавно извинување и повлекување на вест објавена на порталот. Барањето, секако, ќе го објавиме во целост.
Се работи за туѓ став пренесен на 14 април, кој се однесува на ѓубрето во кое се давеа скопјани додека градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, Комуналец и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски си ја префрлаа топката кој е одговорен што ѓубреџиите немаат дозвола за движење во полициски час.
Ставовите на граѓаните се пренесени од збор до збор во рубрика твитови, или поточно како принтскрин од нивната објава, без притоа да се вметне ниту еден напишан збор од страна на Република. Рубриката Твитови е рубрика во која се пренесуваат ставовивте на граѓаните искажани на социјалните мрежи.
За она што ги вознемирува граѓаните во полициски час можеме само да сочувствуваме со нив, но не и да му се извиниме на министерот. Зошто скопјани го сметаат за еден од виновниците што Скопје беше затрупано во смет, најубаво да си погледне во својот двор. Нека погледне во Владата, во партијата, меѓу своите. Нека ги преиспита политиките и одлуките што се носеа периодов и кои несомнено многу им наштетија на граѓаните кои требаше да ги заштитат. Точно, луѓето се исплашени и гневни, а нивните чувства се одраз на поразот што го претрпе оваа власт во битката со првата вистинска криза која ѝ застана на патот.
Оттука, Манчевски и неговите партиски колеги се оние кои треба да се извинат за смрдливите полициски часови, за преполните контејнери, за расфрланото ѓубре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.