По повод повикот на владата за регистрација на медиуми за он-лајн следење на прес конференциите на владата, со исклучиво фаворизирање на едно здружение и постапка која е спротивна на законот, владата објави дека следење на прес конференции е можно само од информативни портали регистрирани кај невладината организација Здружение на новинари ЗНМ.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) по тој повод соопштува:
Информативните интернет портали секаде во Европа се дигитален медиум равноправен со другите традиционални медиуми. Традиционалните медиуми: телевизии, радиа и весници се регистрирани/пријавени во Агенцијата за медиуми, согласно постапка утврдена со закон во институција која работи според валидни закони.
Иако МАН десет години инсистира и дигиталните медиуми, порталите, да бидат регистрирани рамноправно во Агенцијата за медиуми, Здружението на новинари ЗНМ и две други невладини органзизации заради свои финансиски интереси не се согласуваат со тоа, и регистрацијата не е извршена.
Во очекување на регистрација при Агенцијата за медиуми, Информативните портали се веќе три години здружени и регистрирани во меѓународната организација ИАБ Македонија. Неодамна, своја параоганизација за регистрирање информативни портали покрена токму ЗНМ кои десет години се против регистрација на порталите во законски овластената Агенција за медиуми во обид да имаат контрола врз медиумите и остварат профит низ приходи од финансиски грантови.
Во Македонија, повеќе од 15 години, како најмасовна организација на новинарското здружување постои Македонската асоцијација на новинари МАН која не дозволува параорганизации како ЗНМ да преземат овластувања кои со закон и се дадени на легална и законски утврдена институција за регистрација на медиуми – Агенцијата за медиуми, а владата со оваа одлука го поттикнува токму тоа – го крши законот и на невладина организација ЗНМ и дава ингеренции кои со закон се веќе дадени на Агенцијата за медиуми.
Дали утре друга невладина организација под контрола на партии од власта ќе почне да издава лиценци на адвокати и судии наместо со закон утврдените институции?
Информативните портали се медиуми со еднаков статус како и традиционалните, и со доминација во индустријата на медиуми и информации, пред сите други медиуми. Владата може, сега кога ги има сите овластувања, со три збора да го дополни постојниот Член 1 од Законот за медиуми и во набројување на опишани медиуми да додаде: … како и информативни интернет портали.
Со тоа и статусот ќе биде решен равноправно со другите медиуми, што е пракса во сите држави во Европската унија каде информативните интернет портали имаат еднаков статус со другите традиционални медиуми.
Или, владата како сега ќе врши создавање на параинституции и парарегулатори на медиумите за да се заштити себеси од новинари и медиуми кои не се под контрола на владеачките партии, и со незаконско давање ингеренции на невладина организација кои, по закон, припаѓаат на законски утврдената институција – Агенција за медиуми.
МАН бара Владата веднаш да ја повлече својата одлука и да не влегува во опасни преседани и обиди да создава партиски параниституции, денес во медиумите а утре и пошироко, соопштува Македонската асоцијација на новинари (МАН).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.