Актуелниот градоначалник на општина Куманово и независен кандидат за втор мандат Максим Димитриевски, во интервју за Прес 24 потенцира дека поединци сакаат да го имаат Куманово под свое.

Димитриевски истакнува дека граѓаните не се бореле за да видат иста приказна како таа која беше симната од власт. Но, и дека сите не се исти и нема ни да бидат.

Девизата дека сите се исти не сакам да биде реалност во Македонија. Не сме сите исти и нема ни да бидеме. Овој расплет на настаните јас најмалку го очекував од мојата партија која се повикува на демократски капацитет. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот. Јас немам проблем со никого, дали некој има проблем со мене тоа е вистинското прашање. Верувајте кога работите по правила и процедури и кога не потклекнувате под притисоци имате непријатели. Но, тоа не ме плаши, туку напротив ми дава дополнителен стимул да покажам дека чесни луѓе има и меѓу политичарите, ги имало и ќе ги има“, посочува Димитриевски.

Димитриевски, во интервјуто за Прес 24 вели дека е социјалдемократ по убедување кој верува во социјалдемократските вредности, а член во СДСМ е од 1995 година.

Ги почитувам моите партиски другари, но сум човек што не знае да премолчи пред неправди или да не го искаже својот став кога не се согласува со нешто. Тоа е убавината на демократијата, за тоа се боревме, да можеме јасно и гласно да го кажеме својот став, затоа што само преку конструктивна критика, предлози и сугестии можеме да го движиме општеството кон подобро, кон напредок. Прочитав изјава дека Максим свртел грб на Максим, односно јас самиот на себе. Да бидеме на чисто, јас не свртев грб на никого, јас сум тука да служам на граѓаните на Куманово и тука сум поради нив. Изминатите четири години покажав и докажав што значи да се биде добар градоначалник, кој се грижи подеднакво за сите свои граѓани. Градоначалник кој ги слуша граѓаните и врз база на нивните потреби заеднички ги креираме локалните политики за развој на Куманово. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот“, истакна Димитриевски.

Во однос на информациите за негово исклучување од партијата, тој вели дека разочарувањето е огромно затоа што е одлука на поединци, а не одлука на партиското членство.

Статутот на партијата е јасен. По покренување на таква одлука треба да се повика членот кој се отповикува на јавна расправа и тој има право на образложение и жалба. Бевме сведоци на изјави од поединци од СДСМ дадени пред време дека ме исклучиле. Моето социјалдемократско убедување никој не може да ми го одземе, ниту пак може некој да ми го одземе правото на јавно искажан став. Очекував повеќе од раководство кое се декларира како демократско, а не очекував дека поединци во партијата ќе успеат со свои интриги да направат толку голема штета за членството, симпатизерите и поддржувачите. Еднаш кажав и ќе повторам нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалук. Кумановци тоа нема да го дозволат“, потенцира Димитриевски.

Во интервјуто, Димитриевски истакнува дека неговата намера била јасна за втор мандат и на сите партиски анкети бил на прво место.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.