На денешното одбележување по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски потенцираше дека за Македонија и за Куманово 11 октомври 1941 е ден што донесе движење за слобода на државата.

Димитриевски посочи дека има проблем со бришењето на зборот бугарски од спомен плочите, бидејќи неговото семејство, нашите семејства се бореле против тој окупатор.

Јас имам проблем бидејќи никој од Бугарија досега не се извинил за злоделата што ги направиле во Македонија, по примерот на Германија и нивните канцелари Брант и Меркел, туку се обидуваат да ги избришат од историјата. Е па тоа не може да се случи! Не смееме да дозволиме тоа да се случи! Заради нашите предци, заради нашите поколенија. Мора да постојат црвени линии, кои не смееме да ги поминеме и мора да порачаме дека секој оној што сака да го стори тоа народот ќе го казни. Бидејќи овој народ знае да ја покаже својата сила најмногу кога некој го потценува. Овој народ знае да ја покаже својата сила кога некој сака да го понижи“, изјави Димитриевски.

Тој истакна дека 80 години по дигнатото Востание имаме големи предизвици пред нас.

Пред нас имаме многу препреки кои треба да ги поминеме, пред нас имаме предизвик да не дозволиме да ги направиме истите грешки од минатото. Ако кажавме НЕ за режимот, не смееме да дозволиме нов режим да завладее со нас. Не се боревме за реприза на нашите животи, се боревме за подобро Утре, за иднина каде се слушаат различни ставови, каде се зборува за идеи, а не се занимаваме со подметнувања и напади. Се боревме за демократија и за неа мора да се бориме и понатаму, бидејќи тоа им го должиме на нашите предци. На оние кои се бореа денеска да имаме слободна држава, оние кои ги оставија своите животи за да можат нивните поколенија да имаат подобар живот. А ние како да ги разочаруваме со нашите постапки. Како да не знаеме по кој пат да тераме. Како да сме изгубени помеѓу лукративните зделки и националните интереси. А кога ќе ги споите зборовите зделка и национален интерес, во едно резултатот ќе биде поразителен за сите нас. Затоа сега повеќе од кога било сме пред патоказ кој пат ќе го одбереме, оној каде иднината носи сигурност, или оној каде иднината носи реприза од минатото“, рече Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.