Во Куманово општинската зграда и СВР Куманово се наоѓаат буквално во соседство, но на денешната церемонија на свечено отварање на реновираната полициска станица го немаше се уште актуелниот градоначалник Максим Димитриевски.

На собирот покрај полициското раководство во СВР Куманово беа присутни и пратеници од владеачката коалиција, но дојде и актуелната претседателка на општинскиот совет Атина Муграшанска која на последните внатрепартиски избори во СДСМ остана и без членство во Централниот одбор на СДСМ.

Но, градоначалникот Димитриевски не беше присутен, а министерот Оливер Спасовски рече дека не сакале да поканат ниту еден од кандидатите за градоначалник за претстојните избори на кои Димитриевски ќе настапи како независен кандидат со независна листа поради што заработи и статутарно исклучување од СДСМ.

Одлучивме да го направиме во овој формат бидејќи е предизборна кампања и гледате дека тука не е поканет ниту еден кандидат за градоначалник. Би било неблагодарно да доаѓаат на објект за кој што немаат апсолутно би рекол ништо вложено. И да биде присутен еден визави сите други кандидати. Така да не сакам овој дел да биде политизиран воопшто, одговори министерот Оливер Спасовски во кругот на полициската станица во Куманово.

Државната изборна комисија досега не ги потврди официјално кандидатите, а официјално кампањата треба да почне на 27-ми септември.

Спасовски пак како министер денеска беше на претставување на реновираната зграда на СВР Куманово, која што е 60-ти полициски објект реновиран во неговиот министерски мандат. Денешната церемонија ја оправда како дел од одбележувањето на 8-ми септември.

Инаку зградата во која е сместено СВР Куманово е изградена во 1929-та година и по долги децении пропаѓање е реновирана, само 8 години пред објектот да наполни еден цел век постоење.

Реновирањето беше изведено во повеќе фази, а започна во делот каде сега се сместени вработените во ОКРА, потоа беше извршено целосно реновирање на полициската станица Куманово, санација на просториите за приведување и задржување на лица како и изведба на нова пристапна рампа за лица со инвалидитет, а реновиран беше и делот каде што се сместени БПС Куманово и Крим-полиција, истакна Спасовски.

Објектот на кумановската полициска станица од 2000-та досега трипати беше цел на бомбашки напади или во близина беа поставени експлозивни направи, а последниот пат таков инцидент имаше во мај 2015-та пред да се случи крвавиот инцидент во Диво Насеље.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.