Вашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување, му порача вечерва францускиот претседател Емануел Макрон на премиерот Зоран Заев за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз.

Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите, додаде Макрон.

Како што јави дописникот на МИА, премиерот Заев од своја страна му се заблагодари на Макрон, во име на Владата и граѓаните на Македонија за поддршката, посочувајќи дека денешната средба ги збогатува пријателските врски меѓу двете земји, во годината кога одбележуваме 28 години од воспоставените дипломатски односи со Франција.

Посебно место во развојот на македонско-француското пријателство има и претседателот Макрон, со неговата јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на ЕС во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение, истакна Заев.

Во објава на Фејсбук по средбата, Заев наведе дека станува збор за  „историски важна работна посета“ на покана на претседателот Макрон.

Инспириран од една негова изјава пред студентите во Сорбона дека во Европа лежи нашиот идентитет и дека Европа ни дава иднина, силно верувам, дека Франција може да биде мотор на проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан. За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време, наведе Заев во објавата.

Во состав на владината делегација што престојува во Париз, покрај Заев, се и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.