Во пресрет на Советот на министри и Самитот на ЕУ, од Париз францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство во Унијата без одложување, додека експертот за Балканот од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашинтгон Даниел Сервер смета дека се очекува Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на земјава. Во исто време, од Софија стигна порака дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е меѓу клучните приоритети на надворешната политика на Бугарија.

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа од пред Елисејската палата во Париз му порача на премиерот Зоран Заев дека земјава заслужува да ги почне преговорите без одложување

– Патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја станата членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече  историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте, нагласи Макрон.

Осврнувајќи се одлуката за почеток на преговорите за членство на Македонија со ЕУ и на исполнетите услови, францускиот претседател нагласи дека е време за нејзина реализација.

– Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите. Вашата земја заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одложување, додаде Макрон.

Премиерот Заев од своја страна оцени дека предлозите на португалското претседателство со ЕУ претставуваат добра основа за решение.

– Македонија е подготвена за дијалог кој ќе ни донесе прифатливо решение во рамките на Договорот за пријателство со Бугарија. Тоа значи дека прашањето за македонскиот јазик и македонскиот идентитет не треба да се најдат на преговарачката маса, нагласи премиерот Заев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.