Како што јавува сајтот на Дојче Веле на македонски јазик по денешната седница во Софија, Бугарската академија на науките се огласи со став дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Македонската позиција е лажна, велат од БАН.
Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици испровоцирани од Повелбата на Македонската академија на наука и уметност од 3 декември. Тамошната научна академија- БАН попладнево усвои став сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик.
БАН признава дека денешниот став е директна реакција на донесената Повелба за македонскиот јазик од страна на МАНУ.
Документот (на МАНУ, н.з.) предизвика многу сериозни научни забелешки – се наведува во соопштението на бугарската академија.
Собранието на МАНУ на 3 декември усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик. Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.
БАН побарала одвоени мислења на оваа тема од три институции: Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и од Инстиутот за историски истражувања; а нивните ставови биле поткрепени и од индивидуалните позиции на академиците на БАН.
Бугарските академици сметаат дека „македонската позиција е лажна и неприфатлива и ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“.
Од трите консултирани институции од страна на БАН, јавно достапен е документот на бугарскиот Институт за историски истражувања. Во него се користи синтагмата „ткн. македонски јазик“ и се наведуваат цитати на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович и Кузман Шапкарев од кои произлегува дека јазикот кој се зборува на територијата на Македонија е бугарски.
Главниот карактеристичен квалитет на нашиот заеднички јазик е неговата аналитичност- меѓу сите други словенски јазици само бугарскиот е аналитичен“, наведуваат од бугарскиот Институт. Македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“, наведуваат од Институтот повикувајќи се на цитат на неименуван австриски лингвист.
Притоа тие инсистираат дека треба да се прави разлика меѓу „дијалектите во Македонија и официјалната јазична норма на државата“, затоа што стандардизираниот македонски јазик, кој според бугарските историчари е создаден со декрет, бил србизиран.
Но кодот, природата на ткн. македонска норма си останува недопрена и таа претставува ни повеќе ни помалку туку регионален литературен бугарски јазик. Фактот што некој некогаш го кодифицирал и го квалификувал како македонски јазик нема никакво научно значење освен политичко – велат бугарските историчари.
Ставовите на бугарските академици се на линија на декларацијата која на 9 октомври годинава ја усвои бугарската влада, а ден потоа и парламентот во Софија. Во неа беа наведени серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ, а меѓудругото, беше акцентирано дека во документи на ЕУ не смее да се споменува македонскиот јазик.
Треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година – се наведуваше во Декларацијата на бугарската влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.