Со јавното извинување на премиерот Заев за својата непромисленост што по грешка ja именувал националната фудбалска репрезентација како македонска, нацијата во сета фудбалска еуфорија можеше да се соочи со реалностa дека „забетонираниот“ национален идентитет не е македонски.

Обелоденувањето, пак, на дел од португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, покажа дека државното раководство се согласило со целосно исклучување на географското значење на поимот Македонија во новото име на државата „Македонија“, како и со бугарското декларирање на македонскиот јазик како историски непостоечки. Ако кон тоа се додадат „адресираните грижи на Бугарија“ преку прифатените обврски содржани во Позицијата на бугарското министерство за надворешни работи од 25 јуни 2021 година, од кои сите без исклучок имаат историски контекст, станува сосема извесно дека преговорите имаат за цел да го „решат“ македонскиот народ, преку историската ревизија што ќе го направи „погрешно“ неговото постоење пред 1945 година, како и на нацијата.

Верификувањето на историското непостоење на македонскиот народ и на посебноста на македонскиот идентитет, преку политичките декларации и меѓудржавните комисиски договарања, ќе значи и конечен крај на македонското прашање. Тоа ќе ги отвори портите на ЕУ за „граѓаните на Република Македонија“, со нација без име и без придавка, како и со народ без посебна историја, чиешто себе-именување како македонски, како и јазикот на кој говори, повеќе ќе нема значење – бидејќи ќе остане без историска содржина што го определува името и идентитетот. Со тоа македонскиот народ ќе ја изгуби не само посебноста, туку и смислата на постоењето, како и македонскиот идентитет.

Новопредложената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ, иако задоцнета, претендира да го адресира и го оневозможи ваквиот исход од билатералните преговори, наметнат како услов за патот на Република Македонија кон ЕУ. Документот би требало да резултира со национално обединување манифестирано преку конечното зацртување на црвените линии, со што категорично ќе се дефинираат државните позиции што не смее да биде предмет на преговори. Не треба да се остави простор за какво било интерпретации, бидејќи самото преговарање за историската содржина на македонскиот народ, што на инсистирање на Софија го вклучува и појаснувањето на поимот Македонија содржано во името на државата, како и на македонскиот јазик, не само што го проблематизира македонскиот идентитет, туку историски го делегитимира од аспект на целосното раскинување на географската и историската врска со името Македонија, што го прави историски непостоечки.

IБетон: Забранетата придавка македонски за државата и нацијата

Соочувањето на нацијата со националното обезличување произлезе лично од премиерот Заев, кој по политичките критики и интервенции од Атина, побрза јавно да се извини дека всушност навивал за „погрешна“ фудбалска репрезентација, бидејќи по грешка ја именувал како македонска. Фудбалерите кои во име на својата нација спортски се натпреваруваа со другите европски нации, според експликацијата на премиерот, не можат да бидат идентификувани и да се само-идентификуваат како македонски, затоа што ја претставуваат државата и нацијата! И не се само тие?! Всушност сите државни институции и тела, што го вклучува и самиот премиер, како и субјектите финансирани од државата (вклучително и приватните) – за сите е погрешно да се именуваат како македонски, бидејќи ја претставуваат нацијата и добиваат финансии од државата. Штом се стапи во официјална релација со државата, македонски е забранета придавка за дефинирање на националниот идентитет.

Споредено со другите соседни земји, како Бугарија – каде името Бугари претставува ознака за бугарската нација; Грција – каде името Грци ја дефинира грчката нација; Албанија – каде Албанци е ознака на албанската нација, Србија – каде Срби ја означува српската нација; само во „Македонија“ нацијата е сведена на безимени „граѓани на…“. Тоа е материјалот кој го сочинува „бетонот“ на новиот национален идентитет на „граѓаните на Македонија“, со безимена национална содржина и без придавка која го означува идентитетот!

Но, затоа владејачката елита продолжува да ги уверува граѓаните дека е изборено неприкосновеното право на користење на кратенките МКД и МК „за да имаме можност да останеме препознатливи“. Притоа, се истакнува дека за разлика од порано кога репрезентацијата настапувала „под ФИРОМ и стоело на екраните ФИРОМ, сега стои МКД и стои Македонија“. Виртуелноста на македонскиот идентитет е јасно одразена во моментот на соочувањето со реалноста – МКД и МК всушност повеќе не се „македонски“, бидејќи упатуваат на државата и нацијата, а кои не може да се означуваат како македонски! Затоа МКД (користен и во португалскиот предлог како кратенка за Македонија) треба да создаде привид на „препознатливост“, која во реалноста е изгубена. Исто како и македонски, кој е претворен во забранета придавка за означување и идентификување на нацијата и државата.

Оттаму, политичките изјави дека со Преспанскиот договор денес „Македонците се Македонци за целиот свет“, а претходно за сите во светот сме биле „ФИРОМ и Фиромци“, а „само за дома Македонија и Македонци“, се само манипулација со поимите нација и народ и поигрување со националните чувства на Македонците. Исто како и тврдењето дека во Преспа се „впишани Македонци“, што не е точно! Преспанскиот договор (во официјалниот превод на македонски јазик на Владата) воопшто не го содржи терминот Македонци, ниту, пак, познава категорија етнички Македонци, ниту македонска нација. Од едноставна причина што Грција не признава постоење на етнички Македонци и македонска нација, што може да се провери во официјалната позиција поместена на сајтот на грчкото МНР! Затоа во официјалниот превод на договорот, „Macedonian“ не значи Македонец, туку „македонски“ со задолжително појаснување со коса црта дека во национална смисла тоа подразбира исклучиво „граѓани на Македонија“. Впрочем, Преспанскиот договор јасно констатира дека „терминот Македонија“, престанува да се употребува за „обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст“.

Преспанскиот договор, кој е преточен во уставните измени, го констатира правото на самоопределување, што му дозволува на народот (како еден од етничките заедници) кој живее во границите на „Македонија“ да се само-идентификува како „македонски“. Но, ваквата само-идентификација е само за по дома, односно стриктно ограничена во границите на политичкиот субјект „Македонија“. Притоа, македонскиот народ е лишен од правото со придавката македонски да воспостави правен линк со државата, како и официјално да ја идентификува нацијата. Ниту, пак, може да го користи терминот Македонци како ознака за нацијата. Во ООН, тоа е јасно дефинирано каде што придавката македонски има строго ограничено значење и е сведена на демоним со единствено значење на жители, односно „граѓани на Македонија“, кој мора „да се репродуцира на начинот на кој што е наведен, што ја вклучува и косата црта“. Оттаму, и државјанството/граѓанството (citizenship) „на Република Македонија“ станува единствено релевантно, наспроти националноста (nationality). Тоа ја прави ознаката „македонско“ без значење на придавка со која се дефинира националноста, односно припадноста кон нацијата (Митко Б. Панов, „Сувото дрво на Македонците и мачниот привид на нацијата“, Експрес3 април 2021). Затоа, идентитетска придавка за нацијата веќе станува „северномакедонска“ за надвор, бидејќи за сите други држави нормално е да имаат придавка со која ја идентификуваат нацијата.

Може да има Македонци надвор од границите на „Македонија“, но тие според Преспанскиот договор биле и се Грци, бидејќи историското име и територијата на историска Македонија во нејзиниот „северен регион“ се строго дефинирани како хеленска цивилизација и наследство „од антиката до денешни денови“!

Тоа, води кон клучниот аспект на дефинирањето на идентитетот поврзан со името Македонија. За разлика од утврденото грчко поимање на името Македонија како историска категорија и дефинирана како хеленско цивилизациско наследство (што ги прави Македонците исклучиво Хелени во историска смисла), македонскиот народ со Преспанскиот договор останува историски недефиниран. Имено, договорот нотира дека народот кој живее на строго разграничената територија на политичкиот субјект „Македонија“, а кој се само-индентификува како македонски, може да „има сопствена историја, култура, и наследство“, но „кои се особено различни“ од грчките. Ваквата состојба на недефинирана историја, култура и наследство на македонскиот народ, го прави објект на адаптирање во согласност со националниот наратив на Грција (како и на Бугарија), што посебно ги вклучува содржината на учебниците и наставните програми. Ако се земат предвид досегашните договори постигнати во рамките на меѓудржавната историска комисија за историски, образовни и археолошки прашања со Грција (обелоденети во форма на таен документ од проф. Сфетас), произлегува дека значењето на терминот Македонци во историска смисла претставува хеленско наследство од антиката, без каква било етничка конотација. Постигнатите комисиски договори применети во практиката (со Грција и Бугарија), би значеле дека термините Македонци кои се среќаваат во средновековниот и пост-средновековниот период немале никаква етничка словенска асоцијација, бидејќи не можела да постои каква било идентификациска поврзаност на Словените со името Македонија (Митко Б. Панов, „За грчките претензии кон термините Македонија и Македонци“, Експрес, 7 јуни 2020).

Атина всушност го обезбеди своето политичко толкување на поимите Македонија/Македонци, кои со Преспанскиот договор за грчката држава стануваат историска категорија со значење на хеленска припадност и наследство. Наспроти тоа, неодреденото историско дефинирање на македонскиот народ во границите на државата со новото име „Македонија“, го прави политичка (креирана), а не историска категорија (природно настанат во историјата преку именското поврзување со територијата и името Македонија). Истото се однесува и на македонскиот јазик, за кој во договорот единствено се нотира дека ќе биде „официјален јазик на Втората страна, како што е признаено на Третата конференција на ОН од 1977 година“, но сепак е оставен недефиниран, бидејќи во член 7: 3-4 е нотирана само изјава на Втората страна дека „нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици“, за потоа двете страни да потврдат дека „овој јазик“ нема врска со античката хеленска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Грција. Затоа Бугарија сега инсистира на дефинирање на македонскиот јазик, со цел историски да ја делегитимира неговата посебност.

Именската и идентитетската недефинираност на нацијата која произлегува од уставните промени, ја сведува на новокреиран политички субјект, продукт на Преспанскиот договор, a македонскиот народ со недефинирана историја која мора да се усогласи со националните наративи на соседите. Процесот на историско редефинирање се реализира преку „денационализирањето“ на историјата на македонскиот народ, што подразбира исклучување на историската врска со историскиот регион Македонија (дефиниран како хеленски) и врамување на историски недефинираното словенство во „заедничката историја“ со Бугарија. Со тоа, „политичкиот субјект Република Македонија“ добива нов национален наратив, целосно различен од оној на Грција, но „заеднички“ со бугарскиот национален наратив – односно „бугарски“. На тој начин, македонскиот народ добива нова историска содржина и се стекнува со нов идентитет. Вака редефиниран, ќе му биде призната реалноста на сегашното постоење, без минато.

За каков тогаш загарантиран „македонски идентитет, македонски јазик и македонска национална посебност“ станува збор и на кои црвени линии се повикува државното раководство?! Одговорот го дава португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.

IIПортугалскиот предлог и „акомодирањето на црвените линии“ на македонскиот идентитет

Соочувањето на македонскиот народ со сопственото идентитетско обезличување дојде по обелоденувањето на дел од Португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија (Канал 5, 30 јуни 2021), што како предмет на рeшавање ги вклучува „името, јазикот и имплементацијата на билатералниот договор“. Делот од португалскиот предлог достапен на јавноста, евидентно беше објавен за да ја минимизира штетата на внатрешен план, причинета од изјавата на државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш која изразувајќи разбирање за бугарската позиција во идентитетскиот спор и интерпретирајќи го португалскиот предлог, го нарече македонскиот јазик – „северномакедонски јазик, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик“ (БНР, 28 јуни 2021). Меѓутоа, самото обелоденување на документот целосно ја демаскираше позицијата на државното раководство, бидејќи неговото прифаќање подразбира согласност за две клучни прашања поврзани со идентитетот:

– Согласност официјално да се декларира дека поимот Македонија содржан во новото име на државата „Македонија“ нема никаква поврзаност со географското име Македонија;

– Подготвеност да се прифати бугарското декларирање (иако унилатерално) на македонскиот јазик како непостоечки до 1944 г.

Во поглед на името се предлага „двете страни и Советот на ЕУ да признаат дека долгото и краткото име на МКД (Македонија), не може да се интерпретира како географска референца за било кој регион и не имплицира територијални претензии“. Ваквото дополнително објаснување за новото името на државата, што било прифатено од државното раководство, има далекусежни импликации за македонскиот идентитет. Појаснувањето го претвора името во исклучива политичка категорија, без географско-историската компонента произлезена од името Македонија. На овој начин, Софија го допрецизира Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство во контекст на „Македонија“, лишувајќи ја од историските и културните традиции поврзани со територијата на Македонија. Затоа, Бугарија бара ваквото појаснување на името да се издигне на ниво на ООН, што се елаборира како прва точка во Позицијата на бугарското министерство за надворешни работи (види подолу, III: Аморфност).

Како решение за јазикот, во pортугалскиот предлог се предлага „БГ да декларира дека смета дека ‘македонскиот јазик’ не постоел пред 1944 гoдина и дека овој термин во кои било идни документи на ЕУ ќе биде сметан во согласност со Уставот на МКД“. Од друга страна се предвидува „МКД да декларира дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на земјата и бил кодифициран во 1945 година“. На овој начин, се дообјаснува и Преспанскиот договор, кој ја содржи „изјавата на Втората страна“ за официјалниот јазик.

Ваквото решение треба да продуцира официјални декларации со кои историски ќе се дефинира македонскиот јазик, од аспект на хронолошкото утврдување на неговото непостоење (за Бугарија), односно постоењето со кодификацијата од 1945 година и со Уставот од 2019 година (за „Македонија“). Согласно со документот, претседателството откако ќе ги нотира ваквите декларации, би подготвило посебна декларација од Советот на ЕУ, кој ќе биде ставен како анекс пред првата меѓувладина конференција. Спојувањето на двете декларации во содржинска смисла во посебна на Советот на ЕУ, би било интерпретирано во смисла дека македонски јазик не постоел пред 1944, дека „Македонија“ смета дека настанал со кодификацијата во 1945, но дека како „термин“ треба да се нотира во документите на ЕУ „како што е наведен во Уставот“ на „Македонија“ од 2019 година. Со соодветната назнака, македонскиот јазик ќе може да фигурира во сите документи на ЕУ, но како „термин“ за кој постои потреба од појаснување на неговото значење, а што во историска смисла би било дека бил непостоечки до 1944 година (исто како и македонскиот народ) и е дефиниран со Уставот од 2019. Тоа историски ќе се верификува со договорите во меѓудржавната историска комисија (што веќе го опфаќаат средновековието) со што целосно ќе се ревидира историјата на македонскиот народ, а со тоа и македонскиот идентитет и јазичната посебност.

Обете политички декларации за името и за јазикот, ја откинуваат географската и историската врска на македонскиот народ со територијата на Македонија, што го прави историски непостоечки, како и јазикот. Притоа, нотираните „позитивни елементи за МКД“ дека „нема да бидат поминати нејзините црвени линии“, се само привид, бидејќи португалското претседателство наведува дека предлогот во суштина ги „акомодира црвените линии на двете страни, како и на земјите-членки“. Акомодирањето на црвените линии на што се согласило државното раководство, подразбира појаснување на терминот Македонија во „ознаката на државата“, со што целосно се исклучува историската и географска врска со Македонија. Истото се однесува и на македонскиот јазик, чиешто значење мора да се појаснува, што го сведува на технички „термин“ (term) за ЕУ, a не на идентитетско обележје.

Португалскиот предлог директно задира во историската генеза на името на државата и посебноста на македонскиот јазик, што го дефинира македонскиот идентитет. Оттаму, зачудува како истиот бил прифатлив за државното раководство. Јазикот нема да се нарекува „северномакедонски“, но ќе ги рефлектира бугарските позиции со што историски ќе биде делегитимиран како непостоечки до 1944, односно измислен во 1945, исто како и македонскиот народ и македонската нација во титова Југославија (што е официјална позиција и на Грција). Затоа и во португалскиот предлог, назнаката за името на државата и македонскиот јазик се предмет на појаснувачки декларации, што има за цел да ја исклучи историската посебност до 1944 година и да ја нотира „вештачки креираната“ од 1945 , што не подразбира и посебноста на јазикот „наведен во Уставот“. Оттаму, политичките изјави дека „македонскиот јазик е сличен, но различен со бугарскиот“, се крајно несоодветни и исклучително штетни. Мора недвосмислено да се констатира посебноста на македонскиот јазик заснована на историските и културни традиции, а кои се целосно оспорени и негирани со португалскиот предлог.

Индикативно е што во преземените обврски од страна на премиерот Заев на средбите во Софија од 17 јуни, преточени во 5-те точки на бугарското Министерство за надворешни работи, отсуствува делот со македонскиот јазик, но затоа сите точки имаат историска димензија. Тоа значи дека политичките декларации во рамките на Советот на ЕУ за непостоењето на македонскиот јазик, Бугарија дополнително ќе ги легитимира во историска смисла преку реализирањето на петте точки, кои целосно ја следат Декларацијата на бугарскиот парламент.

Патоказот на што се обврзува Република Македонија со португалскиот предлог (подготвен на 18 страници), останува тајна, но истиот би требало единствено да ги дефинира роковите за конечното „решавањe“ на македонскиот народ од аспект на историското дефинирање како непостоечки пред 1945 година исто како и македонскиот јазик. Само што истото треба да се спакува во празната флоскула за „светоста“ на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што треба да звучи уверувачки дека истите не се предмет на преговори. Португалскиот предлог меѓутоа недвосмислено покажува дека веќе е дадена согласност за промена на историското дефинирање на името на државата и на македонскиот јазик (а со тоа и на македонскиот народ), што го определува македонскиот идентитет. Истото се однесува и на прифаќањето на Позицијата на бугарското министерство, што го доведува македонскиот идентитет во состојба на аморфност.

Проф. д-р Митко Б. Панов

IIIАморфност: Соочувањето на македонскиот народ со „погрешното“ постоење?!

„Позицијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија за европската перспектива на Република Македонија“, сублимирана во пет точки, ја рефлектира националната агенда на Бугарија во однос на Македонија, дефинирана уште од 70-те години на 19 век со проектот за „Голема Бугарија“. Во неа сосема внимателно е избран секој збор и прецизно се констатира дека позицијата на Софија е „последователна и јасна“ за добивање „сигурни гаранции“ дека нема да бидат нарушени нејзините „фундаментални интереси“, втемелени на целосно и ефективно исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Во тој контекст, министерството посебно констатира дека за време на средбите на премиерот Заев во Софија и разговорите на министерот Османи на 17 јуни 2021 година (со што е постигната и симболиката со датумот на потпишувањето на Преспанскиот договор), била изразена подготвеност за исполнување на сите обврски преточени во петте точки. Тоа, премиерот Заев јавно го потврди, истакнувајќи дека „со Бугарија имаме решенија кои се прифатливи за двете страни“ со кои всушност „се адресирани грижите за Бугарија“ (ТВ 21, 2 јули 2021).

Со петте точки, Софија всушност го допрецизира и конкретизира Договорот за добрососедство, по примерот на Преспанскиот договор, доследно следејќи ја Декларацијата на бугарскиот парламент и Рамковната позиција на бугарската влада од октомври 2019 години, како и појаснувачкиот Меморандум до членките на ЕУ од 16 септември 2020 година. Истите се надоврзуваат и на Португалскиот предлог, иако истиот не беше прифатен од Софија, бидејќи се бараат претходни гаранции со исполнувањето на петте точки.

Точка 1. Бугарското министерство бара да се реализираат договорените обврски од 17 јуни 2021, со што официјално Скопје во согласност со чл. 11, ст. 3 од Договорот за добрососедство во кој се нотира дека двете договорни страни „немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“, ќе потврди пред ООН дека краткото и долгото име на државата „се однесуваат исклучиво на политичкиот субјект Република Македонија, а не на географскиот регион Македонија, дел од кој се наоѓа и во границите на Бугарија“. Слична формулација се нотира и во португалскиот предлог, со што Софија ќе обезбеди целосни гаранции за исклучување на името Македонија како идентитетска одредница. Со дополнителното појаснување на името во ООН преку вербална нота, всушност самата Република Македонија целосно ќе ја исклучи географската компонента на поимот Македонија во името на државата. Оттаму, „Северна“ повеќе нема да биде географска одредница во името на државата, како што пропагираа неговите креатори и апологетите, а што воедно беше клучниот аргумент на власта дека нема да се менува македонскиот идентитет. Со ваквото дообјаснување на значењето на името во ООН, „Македонија“ ќе стане исклучиво политички термин, кој го дефинира „политичкиот  субјект Република Македонија“ и неговиот идентитет. Сведувањето на „Македонија“ исклучиво на модерна политичка категорија и предмет на дефинирање со политичките договори со соседите, ќе значи дека името на државата и нејзините културно-историски традиции нема да можат да се базираат на географско-историското наследство поврзано со името и територијата на Македонија. Ако државата не се заснова на историското име и на територијата Македонија, тогаш нема ниту македонски народ кој во минатото се поврзувал именски и идентитетски со Македонија. Тогаш поимот Македонија ќе нема никакво историско значење за македонскиот идентитет, односно ќе нема македонски идентитет. Со други зборови со точка 1, се става дополнителен материјал во веќе „забетонираниот“ идентитет на „граѓаните на Македонија“ како „Северномакедонци“, а преку појаснувањето во ООН целосно се делегитимира историската посебност на македонскиот народ, а со тоа и на нацијата. Тоа ќе го сведе македонскиот идентитет на категорија со празна содржина, за која е потребно појаснување на неговото значење како аморфен термин кој ја дефинира сегашноста.

Истоветниот историски контекст е содржан и во следната точка.

Точка 2Надоврзувајќи се на првата точка, бугарското министерство бара „Република Македонија“ конечно да ги симне малцинските претензии кон Бугарија, преку „потврдата дека нема историски, етнички и други основи да бара малцински статус за која и да било група луѓе, кои не се нејзини граѓани на територијата на  Република Бугарија“. Во таа смисла, министерството се повикува на чл. 11, ст. 5, од Договорот за добрососедство, во кој стои дека Република Македонија „потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија“. Допрецизирањето на Договорот во конкретната точка значи дека државата „Република Македонија“ не само што ќе треба официјално да потврди дека нема етнички Македонци во Бугарија, туку во политичка форма ќе треба да прифати историска дефиниција од која ќе произлезе дека етнички Македонци никогаш и не постоеле на територијата на Пиринска Македонија, односно дека отсекогаш биле етнички Бугари. Паралелно со прифаќањето на првата точка за името Македонија, ваквото историско дефинирање автоматски ќе значи дека во историјата воопшто и не постоеле етнички Македонци на територијата на Македонија, со што Бугарија политички и историски ќе ги верификува своите тези дека Македонците биле измислени со вештачкото креирање на македонската нација во време на титова Југославија (што се позиции и на Грција) и тоа преку етничката конверзија на дотогашните Бугари во „измислени“ Македонци. Реализирањето на обврската од оваа точка, ќе значи финална реализација на бугарската националистичка агенда од 70-те години на 19 век, реафирмирана во времето на Тодор Живков во контекст на Југославија, реактуелизирана по независноста на Република Македонија и артикулирана со Договорот за добрососедство од 2017 г. Ваквата национална стратегија е заснована на демакедонизација на Пиринска Македонија и бугаризација на самата Република Македонија („политичкиот субјект Македонија“). Тоа ќе резултира со целосно историско обезличување и делегитимирање на посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, односно на македонскиот идентитет. Ваквата дефиниција ја објаснува и декларацијата на Бугарија содржана во Португалскиот предлог за непостоењето на македонскиот јазик како историска категорија.

Оттаму, станува разбирлив и историскиот контекст на следната точка.

Точка 3.  Бугарското министерство го нотира како преземена обврска од страна на државните власти на „Република Македонија“ иницирањето „процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзина територија поради бугарската самосвест“. Според министерството ова ќе претставува „историски гест“, што во суштина треба да ја надополни тезата за непостоењето на македонскиот народ, без посебна историја и продукт на југословенската идеологија, вештачки создаден преку репресиите врз дотогашните Бугари кои биле принудени да се откажат од бугарската самосвест и да се декларираат како етнички Македонци.

Точка 4.  Оваа точка го следи исполнувањето на преземените обврски од претходните точки, при што бугарското министерство бара договорената корекција на националниот наратив на „Република Македонија“ да најде директна рефлексија и во новите наставни програми. Во таа смисла, како договорена обврска на „Република Македонија“ е нотирано да ја „адаптира со Бугарија содржината на наставните програми со цел објективно одразување на заедничката историја“ утврдена како централен елемент во Преамбулата и членот 8:3 од Договорот за добрососедство, како и поради „елеминирањето на содржината, што влева омраза кон Бугарија (чл. 11, ст. 6). Оваа точка го следи и појаснувачкиот Меморандум доставен до земјите членки на ЕУ во септември 2019 г., преточен и во Рамковната позиција на Владата од октомври 2019 г. (Митко Б. Панов, „Меморандумот на Бугарија како патоказ за самодеструкција на македонската нација“, Expres, 20.09.2021). Во Позицијата на бугарското министерство, всушност се артикулира и новата експресно донесена Концепција за основно образование, со која се укинува предметот историја како посебен, со што автоматски се ставаат ад-акта учебниците по историја и се менува историската содржина на националниот наратив. Усвоената наставна програма за 4 одделение, сосема јасно покажува дека Концепцијата веќе продуцира денационализиран историски наратив на „граѓаните на Македонија“, што создава простор за реализација на барањето на Бугарија (Митко Б. Панов, „За ревизорите на учебниците и цензорите на идентитетот: Quis custodiet ipsos custodes?!“, Еxpres, 23.05.2021. Aко се земе предвид дека самите историчари и експерти во мешовитата комисија за историски и образовни прашања веќе прифатија официјално да не се само-идентификуваат како „македонски“, туку исклучиво како историчари „на Македонија“, заземајќи цврста позиција за „денационализација“ на македонскиот национален наратив, станува сосема јасно што ќе подразбира исполнувањето на обврските од оваа точка во контекст на адаптирањето на наративот на „граѓаните на Македонија“ со бугарскиот национален наратив за да ја „рефлектира заедничката историја“ (Митко Б. Панов, „Damnatio memoriae: Осуда на меморијата за македонската нација!, Експрес, 31 јануари 2021). Како резултат на тоа, образовниот систем ќе продуцира нови генерации со стаклени очи, за кои минатото и македонската историја нема да има никакво значење, бидејќи ќе им остане безидентитетската историја на сегашната „Македонија“ (Митко Б. Панов, „Стаклените очи на власта и креирање безидентитетска историја“, Експрес, 14 февруари 2021).

Точка 5. Министерството во оваа точка бара да се реализира и договорената обврска „заедно со Бугарија да се идентификува отстранувањето табели и натписи на територијата на Република Македонија, кои предизвикуваат омраза против Бугарија и Бугарите“. Во оваа точка повторно е земен историскиот контекст, што всушност ќе подразбира физичко отстранување на сите табли и натписи настанати за време и по Втората светска војна, во кои Бугарија е окарактеризирана како „окупаторска“ и „фашистичка“ власт. Чинот на отстранување на таблите и натписите, а кои го рефлектираат историското време на антифашистичката борба и историските одлуки на АСНОМ со кои е втемелена македонската државност, ќе ги потврди тезите на Бугарија дека таа всушност во 1941 година ја „ослободила“ Македонија и тамошните окупирани „Бугари“, за да по Втората светска војна, „Бугарите“ потпаднат под власт на Југославија и насилно станат Македонци. Тоа се тезите, кои ги содржи оваа и сите претходни точки, а што треба да најдат историска верификација со реализирањето на обврските прифатени од раководството на „Македонија“ (МКД), со што и „загриженоста“ на Бугарија ќе биде надмината за да даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

Петте точки на бугарското министерство, покажуваат дека постигнувањето договор за „заедничка историја“ е клучно за било која власт во Бугарија, за историски да ја делегитимира посебноста на македонскиот народ, исклучувајќи ја со тоа и смислата и значењето на македонскиот идентитет. Тоа многу лесно го пренебрегна владејачката елита, како и членовите на комисијата за историски и образовни прашања, кои согласувајќи се со ревидирањето на македонската национална историја преку „денационализирањето“ влегоа во политички ќорсокак. Петте точки нудат решение за излегување од ќорсокакот, со „решавањето“ на македонскиот народ преку неговото историско редефинирање. Тоа, во крајна линија ќе значи целосно идентитетско обезличување и политичко декларирање на македонскиот идентитет за историски непостоечки (Митко Б. Панов, „Ќе го „реши“ ли Зоран Заев и македонскиот народ?!, Експрес, 29 ноември 2020).

IVИлузија: Виртуелноста на македонскиот идентитет

Португалскиот предлог и Позицијата на бугарското министерство за надворешни работи, се наполно комплементарни со бугарските национални интереси и директно задираат во македонската идентитетска посебност. Нивната имплементација ќе значи целосно исклучување на историската и геогрaфска содржина на името Македонија во државата, што историски ќе ги делегитимира македонскиот народ и македонски јазик, како конструкт на титова Југославија, исто како и македонската нација. Името Македонија и македонскиот јазик во „Македонија“ ќе станат само технички „термини“, без никакво значење кое го определува македонскиот идентитет. Ќе остане „политичкиот субјект Македонија“ да го определува новиот „северномакедонски идентитет“. Тоа е сегашната „реалност“ за која Бугарија вели дека би ја признала. На тој начин, конечно ќе се реши и македонското прашање, процес кој го иницираше Грција со Преспанскиот договор, а треба да го финализира Бугарија со имплементирањето на Договорот за добрососедство.

Идеолозите на владејачката елита и креатори на Преспанскиот договор, сега тврдат дека наспроти претрпените понижувања државата станува објект на клоцање и бодење пред контејнерите на европската надворешна политика. Точно е дека „море мастило и небо хартија“ се потрошени на Балканот, но тоа е направено за докажувањето на историското право на Македонија, а во функција на наметнување на националната свест на Македонците, чиешто идентитетско оспорување е константа на балканските национализми од втората половина на 19 век сѐ до денес (Mitko B. Panov, The Blinded State, Leiden/Boston: Brill, 2019). Причината за нанесената „рана во поновото колективно самоприфаќање“, не е Бугарија, туку македонската владејачка елита поради недоволното разбирање на македонското прашање, што резултираше со погрешното антиципирање на последиците од историското редефинирање на македонскиот идентитет. Либералната интелектуална елита погрешно процени дека Бугарија ќе се задоволи со бугаризацијата на средновековието, како и на историското ВМРО (а преку тоа ќе се дискредитираше ВМРО-ДПМНЕ) и нема да ги засегне придобивките на народноослободителната борба и АСНОМ, а кои елитата ги претставуваше како темел за новото национално колективно самоприфаќање. Како да заборавија дека самите тие го проблематизираа и тој дел од македонската историја, согласувајќи се на ревидирањето на АСНОМ-ските историски одлуки во Уставот! Тоа што сега го прави Бугарија е директен напад на одлуките на АСНОМ засновани на вековните историски и културни традиции поврзани со Македонија, кои го сочинуваат македонскиот идентитет, а кои со леснотија владејачката елита ги избриша од Уставот.

Некои либерални интелектуалци, дури продолжуваат да ги убедуваат граѓаните дека македонското прашање е веќе решено и дека поради реал-политиката македонскиот народ треба да се помири со фактот дека немал историја пред 1945 г., односно дека дотогаш не постоел, или поточно бил измислен.

Оттаму, предложената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, би требало да ги оневозможи ваквите и слични интерпретации, кои наоѓаат рефлексија и во преговарачките позиции на државното раководство. Во таа смисла, резолуцијата повикува да се почитува „достоинството на македонскиот народ“, неговата автохтоност и „историски, јазичен, културен и религиски идентитет“. Притоа се бара да се уважи дека „македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет“ и дека „македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции“ и од „наративот за припадноста на одреден географски историски простор“ (се мисли на Македонија!). Воедно, Резолуцијата се спротивставува на било каков „културен и историски хегемонизам“ во однос на Република Македонија и бара целосно респектирање на меѓународното право.

Од текстот на Резолуцијата произлегува дека истата претендира да ги дефинира државните позиции во преговорите со Бугарија, што би требало да резултира со национално обединување во однос на категоричното одбивање за преговарање околу идентитетските прашања, директно поврзани со вековната историска, културната и духовна посебност на македонскиот народ и на македонскиот идентитет. Во тој контекст, Резолуцијата не треба да остави простор за поинакви интерпретации. Истата, во рамките на црвените линии треба да го зацрта и неприфаќањето на било какви политички декларации кои претендираат да ја појаснат, односно ја оспорат географската и историска содржина на терминот Македонија во името на државата, како и на македонскиот јазик, што со Португалскиот предлог и Позицијата на Бугарија се сведуваат на технички термини без идентитетско значење и историска посебност. Во спротивно, Република Македонија би се претворила во современ „политички субјект“ и продукт на договорите со соседите, без никаква географска или историска врска со името и територијата Македонија. Со тоа ќе бидат раскинати историските и културните традиции произлезени од Македонија, од кои македонскиот народ ја црпи својата, како и државната и националната идентитетска посебност.

Државното обединување во заштитата на самобитноста на историскиот процес на градењето на македонската  нација во крајна линија ќе ги оневозможи идните поделби во македонското општество. Обединувањето на нацијата околу црвените линии во одбраната на македонскиот идентитет е неопходност, бидејќи во спротивно македонскиот идентитет ќе се претвори во илузија на себесоздавањето и ќе ја изгуби смислата на постоењето, како и државата и нацијата!

„А Вие еј! На што сте смислиле да ја сведете“ татковината Македонија?! (Блаже Конески, Татковина)

Проф. д-р Митко Б. Панов,

редовен професор во Институтот за национална историја



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.