Македонскиот полициски синдикат по повод 7 Март – Меѓународниот ден за сеќавање на загинатите полициски службеници ги повикува сите свои членови и сите вработени во Министерството за внатрешни работи денеска со едноминутно молчeње да им оддадат почит на загинатите колеги. Ги повикуваат и сите релевантни фактори во земјава да оддадат почит на загинатите полициски службеници кои ги загубиле своите животи при извршување на службените задачи.

Како репрeзентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи активно работиме на заштита на нашите членови и сите вработени во Министерството во делот на иницирање на итна набавка на заштитна опрема и униформа за нашите колеги. Издвоивме значителна сума на средства од синдикалната членарина за секој од нашите членови биде дополнително осигуран во Осигурителната компанија ТРИГЛАВ 24 часа за несреќа при работа, проект со кој сме единствен синдикат во републиката, се вели во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.

Потсетуваат дека во чест на загинатите колеги низ целата година во нивните родни места, во соработка со Министерството за внатрешни работи и локалната самоуправа, организираат меморијални турнири и останати спортски активности. Посочуваат дека секоја година синдикални преставници по повод 8 Март ги посетуваат мајките на нивните загинати колеги.

Македонскиот полициски синдикат го изразува своето длабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на македонската полиција кои своите животи ги положија при извршување на службените задачи. Нашите херои кои положувајќи го сопствениот живот, носејќи ја полициската униформа, оставија вечна трага и свое место во историјата, но и во иднината на генерациите што доаѓаат, се наведува во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.