Жељко Бојаниќ, Милан Миловац и Петар Чошиќ, најблиските соработници на Дарко Шариќ, најголемиот наркобос на Балканот, од 2019 користат македонски пасоши со украден идентитет. Бојаниќ имал дури два македонски пасоши, еден на име Спиро Аговски и втор со име на украден идентитет на Јордан Белчев. Тројцата, Бојаниќ, Миловац и Чошиќ, беа опфатени со меѓународната операција на американската агенција ДЕА позната како Балкански ратник во октомври 2009 година и со меѓународната операција ДОГМА од 2011 година. Сето ова за никого во македонското МВР не претставувало проблем да им се издаде македонски пасош.

Жељко Бојаниќ црногорските медиуми го прогласија за најбараниот криминалец во Европа. Една од меѓународните потерници по него беше издадена од Интерпол на Словенија за трговија со дрога. Сепак, на 8 јули 2019 година Бојаниќ добива македонски пасош со украден идентитет на Спиро Аговски, а два месеци подоцна, на 25 септември, му бил издаден уште еден македонски пасош со украден идентитет на име Јордан Белчев. На два пати, Бојаниќ во некоја од канцелариите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи се фотографирал, оставал отпечаток на прст и добил два пасоши со две различни имиња. Дури на 2 март 2021 година е откриен неговиот вистински идентитет.

Жељко Бојаниќ беше еден од најдоверливите луѓе на Дарко Шариќ, познатиот балкански наркобос. Бојаниќ беше задолжен за транспорт на кокаин од Јужна Америка кон Европа со користење мегакрузери и перење пари од трговијата со кокаинот со вложување во недвижнини.

Петар Чошиќ, со прекар Шарац, е еден од главните оперативци на Шариќ. Тој како хрватски државјанин на 6 август 2019 година во 8.29 часот поднел барање, се фотографирал, оставил отпечаток од прст во една од канцелариите на управните служби на македонското МВР и за само 9 часа, во 17.24 часот, си го зел македонскиот пасош со украден идентитет на Димитар Адамов. Лани на 27 февруари полициската управа на Црна Гора ги известила хрватската и македонската полиција дека Петар Чошиќ користи македонски пасош со идентитет на Димитар Адамов.

Чошиќ во мај 2011 година беше уапсен од ДЕА во меѓународната операција Догма водена поради сомневањата за префрлање големи количества кокаин од бразилското пристаниште Сантос до пристаништето во Валенсија, Шпанија. Во акцијата Догма, која траеше од крајот на 2008 година, учествуваа полициите на Хрватска, Шпанија, Чешка, БиХ и Холандија.

Милан Миловац, со прекар Цигла, хрватски државјанин по кого Интерпол Белград од 2010 година распиша меѓународна потерница за трговија со дрога, на 16 јули 2019 во 13.58 часот поднел барање за македонско државјанство, се фотографирал, а наредниот ден службеници на македонското Министерство за внатрешни работи му го предале македонскиот пасош со украден идентитет на Газменд Даути. На 26 февруари 2021 е откриен неговиот идентитет. Еден месец претходно, на 12 јануари, Цигла бил ликвидиран во Еквадор.

Целиот текст на МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.