Сто и триесет македонски граѓани со лет на Визер се вратени од Лондон. Министерството за надворешни работи соопшти дека авионот полетал од аеродромот Лутон, во близина на Лондон.
По деветте чартер-летови за репатрирање македонски државјани од Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија и Швајцарија, денеска во соработка со амбасадата на Македонија во Лондон, генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, МНР организираше чартер лет за враќање на затекнатите граѓани во Обединетото Кралство, информираше МНР.
Министерството информира дека денеска се организира четврти по ред хуманитарен конвој, овојпат од Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во земјава ќе се вратат вкупно 64 македонски граѓани со 19 возила.
Во изминатите неколку дена, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на 30 наши граѓани од САД и Австралија им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија и Солун.
Со ова, вкупниот број на репатрирани граѓани во нашата земја, заклучно со денес е 2431. Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Швајцарија, САД, Австралија, Холандија и Велика Британија за соработката и обезбедување непречен транзит, како и за целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство; во следните денови предвиден е и чартер лет за репатријација од Белгија и Франција, соопшти попладнево МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.