Македонска црковно-државна делегација утрово имаше поклонение на гробот на Свети Кирил во Рим.

Како што соопштија од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, делегацијата, во која учествуваа директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, македонската амбасадорка при Светата Столица Марија Ефремова, генералниот конзул во Венеција Стојан Витанов и вршителот на должност во македонската амбасада во Италија Магдалена Димова, присуствувала на молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Св. Климент“.

Чиноначалствувал митрополитот Европски г. Пимен во сослужение на епископот Стобиски г. Јаков и свештеници на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на сите македонски граѓани им го честита големиот празник, 24 Мај, со кој, како што истакнуваат, се слави епохалното рамноапостолно дело на словенските браќа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.