Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамки на неговата посета на Брисел заедно со потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски оствари средба со директорката за Западна Европа, Западен Балкан и Турција во службата за надворешно политички работи на ЕУ, Анџелина Ајхорст.

Мицкоски на средбата кажа дека Македонија треба да го продолжи својот пат кон ЕУ и побара поддршка за државата. Мицкоски и Ајхорст се согласија дека местото на Македонија е во ЕУ.

Зборувавме за неправдата која што е нанесена на македонскиот народ, на македонската нација и на македонската држава и неможноста да ги почнеме долго очекуваните преговори со Европската унија. Бидејќи ние како народ и како држава заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Тоа што навистина го добив од другата страна како повратна информација е дека желбата нејзина лична но, и желбата на политичарите овде во Брисел е навистина да дадат се’ од себе за да му помогнат на македонскиот народ и на македонската нација но, и на Македонија како држава, рече Мицкоски во изјава по средбата.

Тој кажа и дека е навистина задоволен од тоа што го слушнал и како што вели најдоброто и за македонскиот народ и држава допрва следува.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Мицкоски денеска денот го продолжува со две нови работни средби. Едната ќе биде со генералниот секретар на Европската народната партија – Антонио Лопез кој што доаѓа од Народната партија од Шпанија, која што сега победи на локалните избори во главниот град во Шпанија – Мадрид. А потоа со пратеникот во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер кој што е претседавач на комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент и кој што доаѓа од нашата сестринска партија, партијата ЦДУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.