Ако погледнеме околу себе, ама најблиску околу себе, на улиците по кои возиме, на тротоарите по кои одиме, на автопатите и регионалните патишта по кои патуваме, на излетничките места, низ парковите и местата за одмор, на планините и езерата, буквално никогаш немало толку отпад колку што има сега. Македонија никогаш не била понечиста. Тони пластика околу нас, ѓубре кое го има насекаде, прашина, загаден воздух, загадена вода… Ова, за жал, е тажната слика за Македонија, која откако зимата заминува и снегот го снемува и на планините станува сè поочигледна и појасна. Едноставно, сите тонеме во нечистотијата околу нас. Скопје никогаш не било понечисто, големите градови низ Македонија никогаш не биле понесредени, низ Вардар, кој според договорот од Преспа само до Гевгелија може така да го нарекуваме, тони пластика се слеваат директно во Егејското Море без разлика како го нарекуваме. Тоа е тажната слика.
Не можам да избегам од впечатокот дека по локалните избори во 2017 година, по кои кадрите на СДСМ и ДУИ добија речиси стопроцентна доминација во државата, екологијата е сведена на нула, а државата е сè понечиста. Па, се прашувам, работат ли нешто градоначалниците? Работат ли нешто општинските комунални претпријатија? Работи ли нешто „Македонија пат“ и толку ли е неспособна да ги исчисти сите два автопати кои оваа држава ги има? Работат ли нешто надлежните институции, ќе соберат ли сила да ги исчистат Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Пониква, Беровско, сега откако снегот се стопи и сметот повторно излегува на површина. Очигледна е тоталната неспособност на кадрите на СДСМ да ја средат државата, да ја исчистат за малку од малку да заличи на нормална држава. Сето ова што го пишувам нема потреба ни научно да се докажува, ни да се вадат статистики или податоци, само свртете се околу себе и видете на што личи државата.
Тука треба да се погледнеме и себеси. И да се запрашаме – дали имаме култура на живот и однос кон јавното добро. Како е возможно домовите да ни се совршено средени и чисти, а кога ќе излеземе надвор од нашите станови и куќи да е така нечисто. Како е возможно самите толку да ѝ наштетуваме на околината во која живееме и да не сме подготвени малку од своето време да посветиме да ја исчистиме. Да, точно е, постојат надлежни институции задолжени за тоа и веќе ги критикував погоре во овој текст, но факт е дека и самите треба да понесеме одговорност.
Александар Николоски за „Независен“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.