Македонија со животи го плаќа пиарот на министерот за здравство Венко Филипче. Додека министерот ја троши енергијата за тоа како ќе биде претставен во јавноста и дали ќе биде смешен на социјалните мрежи, Македонија ближи до 1.000 починати лица од коронавирусот, а бројката на заразени за многу брзо со вакво темпо ќе надмине 30.000.
Како што есенскиот бран на коронавирусот зема замав во Македонија, гледаме дека не помогнаа секојдневните прес-конференции на министерот, како и постојаните изјави дека сè е под контрола и дека битката е добиена.
Во ситуација кога бројките нагло пораснаа на самиот почеток на летото, и имаше по 100 заразени дневно и неколку починати, Филипче кој дотогаш се секираше да биде телевизиски херој, не сакајќи да ја признае грешката дека работата веќе бега од контрола ги лажеше граѓаните дека сè е во ред, а новиот бран нема да трае долго.
Потоа за време на кампањата повторно истото сценарио, настапи во медиумите со прикривање на фактичката состојба и разни убедувања дека СДСМ и министерот Филипче се вистинска страна која може да го заштити населението во есенскиот бран, бидејќи тие имале план.
Поминаа изборите следеа настапите како засилено се подготвуваат за есента и можното лошо сценарио. Постојани ветувања дека министерот Филипче и неговиот тим знаат како да се подготват. Следеше и ветување за 16 нови монтажни болници, доколку се зголеми бројот на хоспитализирани пациенти, за да нема преголеми оптоварувања на здравствениот систем.
Но, очигледно изјавите и пиарот не го прават здравствениот систем, туку работата. Додека беа фокусирани на тоа министерот Филипче да изгледа како херој, ни се случи новиот бран на коронавирусот.
Сега бројките на дневна основа се ужасни. Број на заразени од 500 или 600 веќе стана секојдневие, како и двоцифрен број на починати. Воедно болниците се преополни, во повеќе градови како Штип, Куманово, Струмица, Струга нема повеќе слободни кревети, а при крај се и во Битола, Прилеп, Кавадарци. Најлоша е ситуацијата во Скопје каде исполнети се речиси сите капацитети, а пациенти почнаа да примат во единствената монтажна болница во склоп на Клиниката за инфективни болести.
Покрај тоа се соочивме и со уште еден проблем, нема доволно тестови, а граѓаните со симптоми со денови чекаат да бидат тестирани или се приморани да даваат повеќе пари во приватните клиники.
И откако сето тоа се случи, дури тогаш власта и министерот Филипче се свестија дека потребни се повеќе тестови, повеќе болнички капацитети и дека тестовите во приватните болници се скапи за граѓаните. Паднаа во вода сите досегашни изјави дека со месеци се спремале за новиот бран. Сега гледаме дека надлежните и министерот Филипче го преспале целиот тој период во кој единствено беа фокусирани на пиарот на министерот и како тој да изгледа како херој во медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.