Кога зборуваме за дигитализација како за четврта револуција, 5G-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии, истакна денеска премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологиите, со потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач.
Заев нагласи дека со Меморандумот Maкедонија и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата која, како што рече, е во согласност со нашиот национален оперативен бродбенд план што го усвоивме минатата година како наш стратешки документ за новата ера на дигитализацијата на земјата.
Република Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и нашите политики за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5G-технологијата со нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, САД, рече Заев.
Тој посочи дека имајќи ги во предвид предностите на безжичната комуникација од петтата односно 5G-технологијата овој Меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност.
5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци на 5G-мрежите дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Република Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговијата, образложи Заев.
Тој посочи дека Македонија и САД ја нагласуваат важноста за поттикнување учество на релевантни и доверливи мрежни добавувачи на хардвер и софтвер на 5G-базите земајќи ги предвид проценките за ризик и промовираат рамки кои ефикасно ги штитат 5G-мрежите од неовластен пристап на трети страни.
Крач упати благодарност до Заев за, како што рече, неговата визија, лидерство и пријателство.
Вашата земја е драгоцен стратешки партнер и оваа церемонија на потпишување е доказ за силното пријателство меѓу нашите две држави, рече Крач.
Тој нагласи дека мрежите ќе бидат од витално значење за економски просперитет и стабилност во регионот.
Чистата мрежа е сеопфатен пристап да се адресираат долгорочните закани за приватноста, безбедноста, соработката и човековите права, истакна Крач.
Тој посочи дека неговата мисија е да донесе што е можно повеќе приватни инвестиции во Македонија.
Мислиме дека можеме да ја контролираме судбината на 5G и ќе ги водиме луѓето кон безбедна и чиста иднина. Меѓутоа, она што е најбитно од се е дека со ова потпишување станува збор за довербата. Довербата е основа во секој однос дали станува збор за деловен, личен однос, всушност купувате од луѓето на коишто им верувате. Станувате партнери со луѓето на коишто им верувате. Ова значи градење на отворена интероперативна безбедна глобална комуникација која што се базира на споделени демократски вредности во чија основа се наоѓа довербата, заклучи Крач.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.