Македонија е под силен мониторинг на ЕУ, а борбата против корупцијата и резултатите од реформите ќе покажат дали овој јуни ќе има датум за преговори. Барањата се многу јасни – името го решивте, време е за резултати, кажа Кристијан Даниелсон директор на директоратот за соседство и преговори за проширување на ЕК.

Тој порача дека ЕУ има нула толеранција кон корупцијата – а Антикорупциската Комисија морало да ја сочинуваат компетентни , независни и силни личности кои ќе испорачаат резултати.

Многу е јасно дека антикорупцијата ќе биде еден многу важен елемент во извештајот на Европската Комисија. Сега нема да споделам ништо од нашата проценка. Одблиску го мониторираме процесот кој ќе биде во сите сфери и сме во блиска конекција со сите релевантни чинители во оваа земја, кажа директорот на директоратот за соседство и преговори за проширување на ЕК.

За Даниелсон носењето на закони било една работа – промена морало да се види во имплементацијата. Собраниското мнозинство требало да биде пример, а судиите да се остават да одлучуваат независно. Секое вработување во јавната администрација да биде врз база на заслуги.

Според Даниелсон, предвремените парламентарни избори само ќе го тргнеле фокусот од отворените прашања.

Предвремените избори ќе го одземат фокусот, нема да ја дадат потребната енергија со цел да се адресираат останатите отворени прашања – тоа е во клучните сфери кои ние ги дискутираме во изминатите неколку години. Зборуваме за реформи во правосудството, борбата против корупцијата, организиран криминал, јавната администрација, вели Даниелсон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.