Задолжителен ПЦР тест направен 72 часа пред поаѓањето и уште еден тест по пристигнувањето, што е на трошок на самите патници и понатаму се неопходните услови за патување на Кипар за државјаните на Македонија, со оглед на тоа што нашата земја останува во црвената категорија држави за кои важат посебни правила, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно новата „Процена на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19“ објавена утрово од Министерството за здравство на Кипар, која стапува во сила во четврток на 2 септември, направени се само три промени, Германија од втората преминуваат во третата, а Малта и Андора од третата во втората категорија, додека пак нашата земја останува во црвената категоријата држави со зголемена опасност.
Како и досега, државите членки на ЕУ, како и третите земји, во зависност од епидемиолошката слика поделени се во три категории: зелена, портокалова и црвена, за секоја од нив важат посебни правила, а оние кои не се во некоја од овие зони се во сивата категорија.
Во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, за кои не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација, нема промени од минатата седмица и се вклучени девет земји.
За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето, додека пак во третата категорија земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“, вклучени 39 држави, меѓу кои и Македонија.
Задолжителен е негативен тест ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден по пристигнувањето на Кипар.
Вториот тест е на трошок на патниците и потребно е да бидат во домашна изолација сѐ до издавањето на резултатите.
Како што веќе има објавено МИА, Македонија првично беше во црвената зона, по што беше преместена во портокаловата, а потоа од 22 јули до 16 август 2021 година беше во зелената категорија.
Една седмица беше во втората, а од минатиот понеделник повторно е во последната, црвената зона.
Во однос на вакцинираните посетители, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.
Исто така, потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови (Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон) или со Спутник В, Синофарм или Синовак.
Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.
Од Министерството за здравство на Кипар, секоја седмица ги ажурираат листите со земји за кои е дозволено патување на островот, а категоризацијата е огласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци во секоја од земјите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.