Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби попладнево оствари работен состанок со в.д претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, соопштуваат од неговиот кабинет.
Груби изразил целосна поддршка на Косово на меѓународно поле, а ја охрабрил и косовската претседателка дека прва точка на дискусиите на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Шпанија ќе биде прашањето за признавање на Косово.
Со претседателката Османи, Груби разговараше на повеќе теми поврзани со интересите на Македонија и Косово, вклучително и за договорите кои треба да бидат потпишани веднаш и без одлагање по формирањето на новите институции во Приштина, но исто така разговараше и за процесот на пописот на население што е веќе во тек е во Македонија.
„Прашањето на Косово е дел од приоритетната листа на г.Османи и на нас како политичка партија која е дел од Владата на РСМ, како што сме одлучувачки фактор. За тоа разговарав и со г-ѓа Османи дека нашата поддршка било тоа од Министерот за надворешни или мојата како прв вицепремиер или на г. Али Ахмети ќе ја имаат во секој момент и во секој меѓународен форум. Косово апсолутно е наш приоритет“, изјавил Груби за ТВ21.
Во оваа прилика, првиот вицепремиер Груби побара од Османи да нејзината голема победа на последните избори во Косово, да ја претвори во поддршка на соработката за албанската дијаспора на Македонија што живее во надвор од нашите граници, да испрати повик со цел нашата дијаспора позитивно да одговори на процесот на попис на население.
Груби исто така рече дека претседателката на Косово, Османи и ветил дека ќе обезбеди максимална поддршка во однос на процесот на пописот, имено ќе покрене сензибилизација на албанската дијаспора.
За време на оваа средба, првиот вицепремиер Груби ѝ честиташе на Османи и и посака што побрзо формирање на новите државни институции, така што без било какво одложување да се одржи заедничката седница меѓу двете влади бидејќи е во интерес на нашите две земји со цел да се реализираат проекти ветени на граѓаните, како што се патот Тетово-Призрен, воспоставувањето на систем „One Stop Shop“ на граничниот премин Блаце, проширување на мрежата за гасификација на Косово низ територијата на Македонија, формирање на заеднички туристички центар во Попова Шапка и Брезовица и ред други договори што се во интерес на граѓаните.
Главна тема на целодневните средби на вицепремиерот на Македонија било барањето поддршка и апелирањето до албанската дијаспора за учество на пописот на населението во Македонија. Првата средба Груби ја одржа со претседателот на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај, кој го поддржа овој процес оценувајќи го како важен политички процес.
„Ова е технички процес, ова е многу важен политички процес за Албанците кои живеат во различни делови од светот а кои се со потекло од Македонија, активно да учествуваат на граѓанскиот попис“, посочи Енвер Хоџај.
Потоа Груби се сретна и со претседателот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кој побара да се мобилизираат за да се самоосвестат иселениците за да се попишат.
Се мобилизираме за да помогнеме да се самоосвестат околу пописот на население во Македонија, посочи Рамуш Харадинај.
Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику вети активизирање на сите ограноци во дијаспората за да ѝ се помогне на РСМ во овој процес.
„Дозволете ми од тука, да и повикам сите ограноци и структури на Демократскиот сојуз на Косово кои се во дијаспора да помогнат во овој правец“, вели Љубим Абдиџику.
Според вицепремиерот на Македонија, Артан Груби, Здружението „Балкански сираци“ може да одигра важна улога во процесот на попишување на населението.
„Ние ќе се потрудиме да го дадеме нашиот максимум за да ги повикаме сонародници каде и да се да учествуваат во пописот и да се попишат“, додаде Халил Кастрати.
Циклусот средби, првиот вицепремиер Груби го заврши со претседателот на Социјалдемократската иницијатива, Фатмир Лимај. По усвојувањето на Законот за попис на население на 21 јануари годинава во македонското Собрание, пребројувањето почна на 1 март, а ќе трае до 21 април.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Шпанија, се сретна со министерката за надворешни работи, Европска унија и за соработка на Кралството Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја.
Убаво е да се биде во Мадрид токму на годишнината од ратификацијата во шпанскиот Сенат на протоколот за нашето членство во НАТО, и тоа во далеку построги, потешки и навистина – едвај изводливи мерки на ограничена работа. Со тоа се заокружи ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки, по што Република Македонија стана 30-та членка на Алијансата. Дозволете да бидам нескромен: со ваквиот чин, со вонсерискиот напор што го направивте во рамките на шпанскиот сенат, воведувајќи преседан за прв пат да се гласа преку видео конференција, Вашата земја секогаш ќе има посебно место за нашите граѓани, и вие можете да сметате на Република Македонија како не земја која ви е близок пријател, истакна Османи, пренесувајќи ги пораките на благодарност во името на Владата и на земјата.
Веќе следната недела, ние повторно ќе се сретнеме на министерскиот состанок на НАТО во Брисел. Овој пат, за прв пат и Македонија преку физичко присуство на заедничката маса, како полноправни членки и блиски НАТО сојузници. Нѐ очекуваат сериозни разговори и важни одлуки за иднината на Алијансата, за современите предизвици, и пред сѐ за процесот Рефлексија – НАТО 2030, посочи Османи.
На средбата беа отворени и темите поврзани со европските интеграции на Република Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.