Владата до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, информираат од владината прес- служба.

Премиерот Зорна Заев вчера имаше работна средба преку видео конференциска врска со заменик-државната секретарката на Стејт Департментот на САД, Венди Шерман, а на која беа присутни и останатите сојузници како и претставници на НАТО. Ги информирал сојузниците дека Македонија ги заврши сите неопходни подготовки и ги подготви протоколите со кои Владата во овој момент е подготвена да прифати околу 650 граѓани. Вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

„Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму“, рече премиерот Заев за време на координативниот состанок.

Министерството за надворешни работи информираше дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и дека се очекува многу скоро да пристигнат дома во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.