Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „Астра зенека“ преку КОВАКС механизмот во првата распределба, информираат од Светската здравствена организација за ТВ 24.
Првата фаза на распределбата им беше соопштена на релевантните влади кои тесно соработуваат со партнерите во КОВАКС и производителите на вакцини за специфичните датуми за испорака. Временските рамки за овие испораки, ќе бидат објавени во наредните денови, велат од СЗО за телевизијата.
Од Министерството за здравство за ТВ 24 велат дека ги очекуваат овие вакцини во текот на следните недели, но без да прецизираат точен датум и количина на пристигнување. Тврдат дека Владата ги завршила сите процедури и наплати навреме.
Според листата што ја испрати СЗО до ТВ 24 од земјите во регионот, најмногу вакцини преку КОВКАС механизмот ќе добие Србија – 295,200 дози, Албанија ќе добие 120.000 вакцини, а Косово ќе добие иста количина како и Македонија.
Босна и Херцеговина пак ќе добие вкупно 131.400 вакцини, од кои дел ќе добие од компаијата „Астра зенека“, а дел од компанијата „Фајзер“.
Според информациите на здравствените власти Македонија има нарачано вкупно 833.000 вакцини преку овој механизам, кои ќе пристигнуваат во неколку фази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.