Македонија не е на листата земји кои се приклучени кон ЕУ санкциите кон Русија поради анексијата на Крим, и покрај тоа што земјата во последните години речиси стопроцентно ги следи позициите на ЕУ во поглед на безбедносната и надворешната политика.

На 18 јуни, Европскиот совет усвои амандман со кој се продолжуваат постојните рестриктивни мерки до 23 јуни 2021 година.

Земјите-кандидатки Црна Гора и Албанија, за кои во соопштението е наведено дека продолжуваат да бидат дел од Процесот за стабилизација и асоцијација, им се придружуваат на земјите на ЕФТА – Исланд и Норвешка, членки на Европското економско подрачје, како и Украина и Грузија кои се согласија со одлуката на Советот.

Санкциите вклучуваат забрани насочени кон увоз на производи со потекло од Крим или Севастопол во ЕУ, инфраструктурни или финансиски инвестиции, извоз на одредени стоки на кримските компании за употреба во транспортот, телекомуникациите и енергијата, или за потрага, истражување и производство на нафтен гас и минерални суровини.

Мерките за прв пат беа воведени во јуни 2014 година како одговор на намерните обиди за поткопување на територијалниот интегритет на Украина. Другите воведени санкции вклучуваат економски санкции за насочување конкретни сектори на руската економија, како и индивидуални рестриктивни мерки.

ЕУ не ја признава незаконската анексија на Крим и Севастопол од страна на Руската Федерација и продолжува да го осудува, како што валат, кршење на меѓународното право.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.