Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот генерален секретар на НАТО, Дејвид ван Вел, како претседател на Одборот за управување со сајбер одбраната во НАТО, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка на полето на сајбер одбраната меѓу Македонија и НАТО.
како што соопштија од министерството за одбрана, овој Меморандум за разбирање има за цел да ја подобри и унапреди соработката и помошта во полето на сајбер одбраната помеѓу НАТО и националните органи за сајбер одбрана.
Сајбер-безбедноста е област која ја сфаќаме многу сериозно. Меморандумот за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад и е сериозен придонес во зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер напади, како и во зајакнувањето на отпорноста на Алијансата – порача Шекеринска.
Помошникот генерален секретар Ван Вел, истакна дека сајбер одбраната е приоритет за НАТО и неговите сојузници.
Зајакнувањето на отпорноста кон растечките сајбер закани е од критично значење, и овој Меморандум за соработка во сајбер одбраната кој го потпишавме со Македонија е важен чекор во таа насока – порача Ван Вел.
Меморандумот за разбирање треба да го олесни споделувањето информации за сајбер заканите и најдобрите практики, да ја подобри превенцијата на сајбер инциденти и да помогне да се зголеми отпорноста на Македонија во поглед на сајбер заканите.
Исто така, Меморандумот за разбирање треба да ја олесни взаемната поддршка на органите задолжени за сајбер одбрана на НАТО и Македонија во случај на потреба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.