Амбасадата на Македонија во Бразилија се обидува да стапи во контакт со Никола Божиновски, македонскиот државјанин кој на Фејсбук објави дека во Колумбија го пишале Грк со образложение дека отсега Грција била надлежна за македонските пасоши. Целта на амбасадата е да се расчистат сите недоумници околу неговиот престој во земјата.

Од амбасадата посочуваат дека:
1. Од 2018 година постои безвизен режим помеѓу нашите две земји. Досега бројни граѓани го искористија ова право, посебно бекпери-апсолвенти кои што патуваат низ Јужна Америка, бројните македонски млади професионалци од дијаспората коишто работат за глобалните финансиски и други професионални корпорации, како и туристите кои што главно ја посетуваат.

2. Досега Амбасадата во Бразилија не добила никаква информација за задржување на наши граѓани при влезот во Колумбија, ниту, пак, за проблеми при регистрацијата во хотелите, пансионите или на Airbnb, но стоиме на располагање да ја расчистиме состојбата со пријавата на Никола Божиновски во системот на имиграција на Колумбија.

3. Колумбиските органи и колумбиската амбасада во Бразилија имаат извонреден однос со нашата амбасада во Бразилија за сите прашања поврзани со престојот, работата и другите граѓански и конзуларни потреби на нашите граѓани во Колумбија. Амбасадата редовно издава и патни листови кои што се признаени од колумбиските власти и им овозможува непречен излез на нашите граѓани од колумбиската територија.

4. Минатата година беа одржани политички консултации помеѓу двете МНР на ниво на регионални директори, а веќе се планира и нова рунда на политички консултации, со бројни договори од сферата на економската соработка, безбеноста, како и во други сфери од заемен интерес. Посебно внимание посветуваме токму на олеснувањето на граѓанските услуги за државјаните на двете земји.

Амбасадата ја користи оваа пригода и повторно да информира дека дежурен мобилен број за сите наши граѓани во Јужна Америка е + 55 61 98276 1850 (македонски, португалски, шпански и англиски) – бројот на амбасадорот Ивица Боцевски.

П.С. Ја користиме оваа пригода повторно да информираме дека земјите од Јужна Америка започнаа ригорозно да ја спроведуваат мерката за потребата од валиден пасош, со рок на траење подолг од шест месеци при влезот во земјата. Досега се толерираше итна интервенција на Амбасадата од Бразилија, но, за жал, веќе ја немаме таа можност на неколку дестинации, меѓу кои и често посетуваниот Перу.

П.П.С. Имаме одлична можност до крајот на годината да постигнеме визна либерализација и со Уругвај и со Парагвај, со што ќе се заокружи слободното патување за нашите граѓани низ Јужна Америка (исклучок се Боливија и Еквадор кои што не се на белата Шенген листа).

Во Фејсбук статусот, кој беше објавен на добар дел од порталите, а во меѓувреме е избришан (или му се сменети сетинзите за приватност), Божиновски напиша:

Дечки моментално сум во Колумбија и само да ве информирам дека овде, Македонија веќе не постои како држава. Во хотелот кога пробаа да ме регистрираат на официјалниот сајт на миграционо не можеа да ја најдат Македонија под ниту едно име од сите што ги имаме. Од миграционо ги исконтатирале во Министерството за надворешни овде и им рекле дека од сега Грција е задолжена за македонски пасоши и мора да ме регистрираат како Грк и дека Македонија не постои повеќе во системот. За ова ме известија откако ме регистрирале. Не беше возможно да се смени ниту имав време да исконтактирам со нашата амбасада. Никогаш во животот не сум се чувствувал вака посрамен и понижен – напиша на Фејсбук, македонскиот граѓанин Никола Божиновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.