Македонците со бугарски пасош стануваат дел од разговорите што во наредниот период треба да ги водат Скопје и Софија, најавува бугарското Министерство за надворешни работи. Во писмен одговор до бугарскиот весник Труд од ресорот на Екатерина Захариева велат дека позициите на Бугарија во однос на Македонија не можат да се променат ни во наредните 6 месеци особено имајќи ги предвид македонските граѓани кои имаат и бугарско државјанство, пренесе „Сител“.

Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе, посочуваат од бугарското МНР.

Овој став на Софија предизвика бурни реакции дома. Поранешниот пратеник Илија Димовски посочува на Договорот со Бугарија во кој сме прифатиле Софија да се грижи за сите свои граѓани, но нагласува дека Македонците со бугарски пасош пред се’ се македонски државјани.

Димовски посочува дека овие државјанства немаат етнички предзнак, туку економски и дека се можело да се надмине со одбиеното членство во Европската економска зона, каде македонските граѓани ќе ги добиеле истите привилегии како со бугарските пасоши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.