Македонија има сериозен проблем со јавниот превоз. Стари расипани возила, неисправни сопирачки, небезбеден трансорт… Автобуската несреќа со возило на Дурмо турс што се случи на 13 февруари кај Ласкарци, ја разбранува јавноста. МВР вчера во неколку општини спровдела акциска контрола за техничка исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници (автобуси, минибуси и такси комбиња), При контролите, како што соопшти МВР откриени се повеќе неправилности кај возилата. Само во Тетово 25 возила превезувале патници со неисправни сопирачки.
Тетовската полиција контролирала 128 возила. Од нив пет имале неисправен уред за управување и едно недостиг на опрема. Поради констатираните недостатоци, од сообраќај биле исклучени 30 возила, на 37 возачи им се изготвени прекршочни платни налози, а на осум барања за поведување на прекршочна постапка.
Акциска контрола вчера имало и во Штип, каде биле контролирани 57 возила. Кај девет од нив била утврдена неисправност на кочниците, кај едно неисправен уред за управување, додека две возила не извршиле вонреден технички преглед.
Во Охрид, Струга, Кичево и Дебар биле контролитани вкупно 111 моторни возила кои вршат јавен превоз на патници. Биле констатирани вкупно осум неисправни – шест во Охрид и две во Кичево. Кај едно од овие возила е констатиран неисправен уред за запирање. При акциските контроли, од сообраќај се исклучени осум возила.
Во акција во Струмица, 25 возила биле испратени на вонреден технички преглед, по што кај седум возила биле констатирани прекршоци за кои се издадени седум прекршочни патни налози.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.