Македонските државјани од Авганистан, со редовни цивилни летови преку Катар и Лондон ќе се вратат во земјава во наредните денови.
Претходно, како што соопштија од министерството за надворешни работи, повеќето од евидентираните македонски државјани во Авганистан, со воени авиони биле евакуирани од Кабул. Педесетина граѓани во текот на ноќта и изутрината се префрлени од Кабул во Доха и во Абу Даби, а утрово уште 19 наши граѓани се на пат за Доха.
Според последните информации на терминалите на аеродромот во Кабул веќе нема наши граѓани кои чекаат да бидат евакуирани. Во НАТО базата во Кабул која се наоѓа буквално залепена до аеродромот се наоѓаат уште 14 наши државјани, 11 од нив наскоро треба да бидат ставени во планот за евакуација, а само уште тројца наши граѓани по нивно барање остануваат да ги вршат своите обврски во базата и ќе бидат евакуирани заедно со војската од базата. Во сите овие места и градови каде се упатуваат нашите граѓани активирана е дипломатската мрежа со цел да се асистира ако се појават некои предизвици на нивниот пат кон дома – информира министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Тој додаде дека МНР продолжува и понатаму да ги следи состојбите на терен, и очекуваат дека сите наши граѓани ќе бидат извлечени и безбедно да се вратат дома. Сепак, како што вели Османи, остануваат подготвени за секакво сценарио со отворени алтернативни можности за евентуална вонредна евакуација на нашите граѓани.
На новинарско прашање за тоа кога се очекува нашите граѓани кои се враќаат од Авганистан да пристигнат во земјава, додаде дека тоа зависи од распоредот на нивните летови, а дали ќе има потреба од карантин, вели, тоа ќе зависи од нивниот вакцинален статус и други епидемиолошки карактеристики. Тој информира дека од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство во Владата е формирано Координативно тело во кое се вклучени и министри кои покриваат прашања од овој домен и кое ќе одлучува согласно ситуацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.