Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска одржа online состанок на кој се разговараше за унапредување и подобрување на исхраната на децата во градинките. На состанокот присуствуваа претставници на Данската администрација за ветеринарство и храна, претставници на Ново Нордиск, претставници на УНИЦЕФ и сопругата на претседателот на Република Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, а во насока на правилен раст и развој кај децата, започнат е процесот на ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките. Овој процес се одвива во соработка со компанијата Ново Нордиск, а истиот е поддржан од УНИЦЕФ.

Целта на денешниот состанок беше Данската администрација да го сподели своето искуство и водичот за поздрава храна во градинките (Guide til sundere mad i daginstitutionen) кој е направен врз основа на Официјалните упатства за исхрана – добро за здравјето и климата (The Official Dietary Guidelines – good for health and climate), а благодарение на Ново Нордиск, водичот е достапен на македонски јазик.

„Во процесот на ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките  вклучени се експерти, секој во својата област и придонесот што ќе го дадат во овој дел  верувам дека ќе биде од големо значење. Правилната исхрана на децата во градинките, создавањето на здрави навики уште од најмала возраст е од исклучително значење за понатамошниот здрав и правилен раст и развој кај децата“, рече министерката Шахпаска.

Покрај ревидирање на правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките со цел обезбедување на поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките, но и во секојдневнoто живеење.

Под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата коишто ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност.

Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана, велат од Труд и социјала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.