Ги информираме родителите кои ги изгубиле своите работни места поради продолженото породилно боледување, дека со новиот пакет на економски мерки, коишто беа презентирани денеска, се предвидува поддршка за компаниите кои го задржале истиот број на вработени од 31 јули оваа година – ова е утехата за родителите кои останале без работа од страна на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Откако ниту премиерот Зоран Заев, ниту Шахпаска не најдоа време на вчерашната прес-конференција јавно да ја соопштат одлуката дека мајките на продолжено породилно отсуство се враќаат на работа, министерката ги поздрави со фејсбук статус:
После консултација со Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за здравство др. Венко Филипче ги информираме родителите кои користат продолжено породилно боледување дека се исполнети условите да се вратат на работа согласно владината одлука донесена на 14 септември оваа година, родителите на децата до шест години да се вратат на работа од 23 септември.
Еден месец продолжување на породилното боледување не менува ништо. Како Влада, но и како Министерство, создадовме услови за безбедно сместување на децата во градинките согласно здравствените протоколи. Со нивно почитување ризикот за инфекција со Ковид 19 е сведена на минимум.
Истовремено ги информираме родителите кои ги изгубиле своите работни места поради продолженото породилно боледување, дека со новиот пакет на економски мерки, коишто беа презентирани денеска, се предвидува поддршка за компаниите кои го задржале истиот број на вработени од 31 јули оваа година.
Живееме во време на пандемија која бара општествена одговорност од секој од нас како поединец и граѓанин на оваа држава. Очекуваме конструктивност и придонес кон заедничката стратегија за што е можно поголема контрола врз ширењето на вирусот.
Она што посебно ги изреволтира мајките е делот со утеха за оние кои останале без работа. Единственото нешто што има да го каже владата е дека и газдата нема да добие пари од државата…
Не разбрав која е ползата од оваа мерка за родителите кои ги загубиле работните места. Дали мислите дека ползата е тоа родителите да се ситат на фирмите каде биле вработени бидејќи нема да ги опфатат овие мерки кои се од основно значење за преживување на фирмите, а во меѓувреме не знаат како ќе ги прехранат гладните усти на своите деца?! – прашува една мајка под статусот на министерката.
Мајките се револтирани што во новите антикризни мерки на владата за мајките кои останаа без работа или беа принудени да дадат отказ и да останат дома за да се грижат за децата не е издвоен ниту денар барем за следните неколку месеци.
Не револтира тоа што во сетот нови антикризни мерки на владата децата буквално се ставени на последно место. За сите се најде некаков начин да се згрижат финансиски меѓутоа за мајките кој што ја изгубија работата што имаат деца мали не се најде решение – вели Катерина Стојчевска Тодоровска – родител во изјава за Алфа Телевизија.
Се нижат коментари од незадоволните мајки, на кои иако претходно им беше најавено дека ќе им биде продолжено породилното отсуство, преку ноќ беа известени дека мора да се вратат на работа:
Министерке, мене не ми е толку жал за мајките, ќе се снајдат како и досега, колку што ми е жал за Вас бидејќи си нанесовте огромна црна дамка во Вашата кариера и ќе бидете запаметена како најлошата и најнесоодветната министерка на ова министерство. Изгубивте секаква почит од родителите на мали деца, а богами и гласачи.
Освен тоа, родителите се револтирани што не беше оставен простор од еден месец за адаптација на децата во градинките. Велат прв проблем е што нема место во градинките, втор проблем е што нема време за адаптација.
-Поднесов барање за упис на двете деца во градинка. Едното дете само што наполни една година, другото има 4. Ги чував дома двете. Поголемото не го примаа во градинка под изговор дека во тие групи нема место. Помалата беше примена, но поради продолженото породилно не стартуваше. За поголемото поднесов барање во друга градинка, каде исто не го примија. Кренав врева во градинките, но немаа разбирање. Но кога мајките на породилно почнаа јавно да ги кажуваат проблемите со уписитењ, преку ноќ се создаде слободно место и за постарото. Од 1 октомври ќе почнат со градинка. А како ќе го поминеме тој период на адаптација со оглед на тоа што и јас и сопругот мора да сме на работа, баби немаме… Да беше најавено дека треба да се вратиме на работа, на пример на 15 октомври, ќе почнеа децата со градинка и ќе имавме 2-3 недели за адаптација. Вака не знам што ќе правиме – ни изјави една од мајките на која и е прекинато продолженото породилно отсуство.
Проблемот со градинките и натаму е сериозен.Освен што нема место за дечињата и условите во кои се приморани да го поминат дел од денот не се според протоколите.
Дали се консултиравте со Претседателот на Владата дали постои можност децата на чесните и одговорни родители, без ургенции и врски да бидат примени во градинките? – коментира родител под статусот на Шахпаска.
Дел од мајките се согласуваат дека не може до недоглед да трае породилното отсуство, но сметаат дека ттребаше да се даде подолг период, барем од еден месец, од денот на носење на одлуката до денот кога треба да се вратат на работа. Велат некои мајки имаат можност да користат годишен одмор, со кој ќе покријат период на адаптација на децата, но некои мораат веднаш да се јават на работа. Голем дел од мајките тврдат дека се одбиени нивните барања за прием во градинка, а оние кои успеале да ги запишат децата изјавиле дека нема да ги носат поради продолженото породилно.
Многу менува месец дена госпоѓо, на пример адаптацијата. Јас го запишав моето дете во градинка, има 9 месеци. Но седи само по еден саат, затоа што не можат наеднаш да го земат до 4 или 5 саат…Прв и последен мандат да ти е!!! Ти си била жена, мајка… – коментира мајка под статусот на министерката за труд и социјална политика.
И денеска Шахпаска со изјава дека има кој да ги згрижи децата, а мајките да се вратат на работа:
– Со отворањето на градинките престанува потребата за седење дома. Кога има кој да ги згрижи децата, а велиме дека се создадени сите предуслови за безбедно згрижување согласно протоколите, децата треба да одат во градинка, бидејќи простор има. Нашата анализа на дневно ниво говори дека има простор и јаслите, од нула до две години каде согласно на протоколот сега веќе има 12 места за сместување на дечиња во иста група. Сметам дека родителите кои до сега користеле продолжено породилно боледување, како и сите останати граѓани кои се вработени треба да се вратат на своите работни места.
Денеска пак Центарот за јавно здравје Скопје информираше дела во градинки во населбите Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош 16 деца и четири учителки заминале во самоизолација. Вработена во градинката „Коца Василева“ во Битола е позитивна на Ковид 19 и превентивно 13 деца се пуштени во домашна изолација.
Министерката тврди дека Министерството за труд и социјална политика деноноќно се следи здравствената состојба како на дечињата, така и на вработените во градинките. Се прават анализи дали има отстапувања и согласно препораките се решава кои градинки или групи треба да бидат затворени и кои лица треба да бидат отстранети од процесот на работа.
– Од самиот ден на отворање на 311 објекти ние сме во тек и ја следиме состојбата на вработените. Имавме градинки кои не стартуваа со работа заради позитивен вработен градинката во Свети Николе. Како што се појавуваа позитивни случаи, така според насоките од епидемиолозите се отстранува од работата тие вработени. Се работи пред сè за персонал кој е вработен во градинките. Имавме и случаи кога неколку дечиња кои заради контакти или од дома, биле позитивни. Будно ја следиме нивната здравствена состојба и на сиот персонал кој бил на некој начин во контакт. Значи засега само еден воспитувач е хоспитализиран, со оглед на тоа што имал и други хронични состојби, рече Шахпаска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.