Родилките и мајки на деца до шест години утре излегуваат на протест пред Владата поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место.
Од следната среда, односно на 23 септември треба да се вратат на работа. Дома остануваат единствено бремените жени за кои важат мерките. Согласно владината одлука на работните позиции од 23 септември се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.
На ваквата одлука реагираа и самохраните родители, кои преку здружението „Една може“ нагласија дека со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а оваа категорија била изоставена и за нив не биле креирани индивидуализирани пакети на мерки. Голем дел од самохраните родители останале без работа, дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот, друг дел, како што наведуваат, ги загубиле работните места поради несензибилност на приватниот сектор и немањето разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата.
Трет дел дури сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што на четвратата седница на Влада на Република Македонија одржана на токму оние кои треба да работат и земаат плата од сите граѓани на републикава, донесоа одлука која се коси со здрав разум: „Сите – читај вклучително и самохраните родители, се враќаат на работа од 23 септември – среда, иако учебната година е претумбана да почнува од октомври 2020 година. Од октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот, порачуваат од Една може.
За министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нема ништо спорно во одлуката на Владата. Таа смета дека мерката за отсуство од работа на родителите на деца до шест години и на оние со продолжено породилни отсуство станало беспредметно со отворањето на градинките.
Со отворањето на градинките мерките за отсуство од работа на родителите и за продолжено породилно отсуство ја изгуби својата смисла, изјави вчера Шахпаска.
Таа оцени дека одлуката на Владата за враќање на родителите на децата од нула до шестгодишна возраст во работниот процес од 23 септември е логична и очекувана, со оглед на тоа што градинките и Центрите за ран детски развој од 9 септември се отворени и имаат капацитет да ги примат децата.
Таа соопшти дека според анализите има простор за сместување на 19.000 деца, а интерес за сместување пројавиле 14.555. Во градинките уште на самиот почеток имало слободни 4.500 места. Приоритет за запишување дете во предучилишна установа имаат самохраните родители и оние деца на кои и двајцата родители им се вработени.
Во однос на одлуката на Владата за прекин на продолженото породилно отсуство, министерката Шахпаска оцени дека со отворањето на градинките и оваа мерка ја губи смислата.
Тие родители ги чуваа своите дечиња затоа што градинките не работеа. Градинките веќе се отворени и затоа на вчерашната владина седница беше донесена одлука родилките кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство да се вратат дома, додаде Шахпаска.
Вчера беше забележан прв случај на дете заразено со коронавирус. Според информациите од Министерството, станува збор за дете кое било згрижено во градинката „13 Ноември“ во општина Центар во Скопје.Детето е на 15-месечна возраст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.