Не може да се остане рамнодушен пред зборовите на пациентите кои во моментот лежат низ македонските болници, оние кои молат за кревет и Брза помош, или нивните семејства кои низ бесот ја прикажуваат сета беспомошност во која се наоѓаме денеска.
Не може…ама некој може.
Последните неколку дена беа споделени неколку потресни сведоштва, кои покажуваат дека здравствениот систем е пред колапс. Кога и Менче Точи, новинар кој најдолго се занимава со проблемите на македонското здравство, предпредува дека „Ова е тотален хаос и распад на здравствениот систем. Толку имам да кажам!!!“, тогаш јасно е дека сме оставени на себе.
За министерот за здравство – сè е под контрола. Кревети има, невработени доктори нема, никој не е вратен од болница.
Во реалноста:
Од 17 повици за здив и кислород, 41-годишна штипјанка била удостоена со едно кревање на слушалката од дежурните медицински лица. Млада мајка, без никакви други претходни болести, умира во раните утрински часови во болница.
И за нејзиното семејство, постои еден виновник над сите, а тоа е оној кој е одговорен.
Во истата таа болница, која денес е ковид-центар за истокот, зошто некој поради „бирократија“ со години го остави неизграден новиот клинички центар во Штип, пациент моли за капка вода.
На ова сведоштво директорот на болницата Ален Ѓеоргиев се дрзна да каже дека „ете, пациентот имал вода до него, манипулираат медиумите“.
Иако оваа изјава не заслужува одговор, ќе дадеме само друго сведоштво од пацинет кој во моментот лежи на Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, кој иако има вода покрај себе, нема доволно сила за сам да се напие.
Вода имам, и храна, но некој што не е доволно силен не може да се послужи. Гладен сум! Кога ќе видат дека не си го изел јадењето, само го собираат, никој не прашува зошто не си го чепнал. Кога некој од нас во собата ќе собере сила да потстане, тогаш си помагаме некако меѓу себе, вели пациентот за „Република“.
Додава и дека има доста кражби, од работи како вода и јадење, до мобилни телефони и лични предмети.
Дека ништо не е под контрола, многу добро објаснува и сестра на млад пацент кој од ковид се лекува на скопските клиники.
Од твоето „сè е под контрола, сега ни преостанува само на Господ да се молиме, му порачува таа на Филипче.
„Ги немам тие бројки, дозволете да проверам, ќе ве известам“
Навикнавме на оваа фраза од фамозните секојдневни прес-конференции на министерот. Зошто Филипче вешто знае да изманипулира и изврти прашање. Но, нема веќе што да се прашува.
Јавноста бара одговорност, редно е барем тоа да им се даде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.