Американскиот државен секретар, Мајк Помпео попладнево пристигна на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи, Димитров. За време на неколкучасовниот престој во Охрид, предвидено е државниот секретар на САД да оствари одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.
На средбите во Охрид, како што информираа за МИА од Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа и затоа државниот секретар Помпео ја комбинира повеќедневната официјална посета на регионот „за реафирмација на сојузништвото со 29-та (Црна Гора) и 30-та (Македонија) членка на НАТО“.
Разговорите ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.
Според програмата, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.
Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.
Претседателот Стево Пендаровски посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео ја оцени како враќање на голема врата на САД во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.